Утрински Весник
Македонија

Нов проект на Северна Македонија и ФАО, поддржан од Зелениот климатски фонд за управувањето со шумски пожари и зголемена климатска отпорност

20250521112013 big 730x400 10.webp.webp

Зелениот климатски фонд (ЗКФ), најголемиот глобален фонд посветен на справување со климатските промени, одобри нов проект за Северна Македонија во рамки на својата Програма за подготвеност и подготвителна поддршка.

Почетокот на новиот двегодишен проект, како што соопшти Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), беше означен денеска на настан во просториите на Владата, на кој присуствуваа претставници од клучните национални институции, министерства, академската заедница и развојните партнери.


Ова е шести проект за подготвеност од Зелениот климатски фонд во Северна Македонија и четврти што се спроведува во партнерство со Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), под раководство на Канцеларијата на Претседателот на Владата, во улога на Национален назначен орган за Зелен климатски фонд.

-Македонскиот шумарски сектор, кој историски претставува главен апсорбер на стакленички гасови во земјата, станува сè поранлив на последиците од климатските промени. Сè почестите шумски пожари, порастот на температурите и промените во користењето на земјиштето ја намалуваат способноста на секторот да апсорбира јаглерод. За да се спречи овој тренд, државата во рамки на Засилените национално утврдени придонеси постави јасни цели за намалување на емисиите од шумарството до 2030 година преку подобрено управување со шумски пожари и масовно пошумување, се анведува во соопштението од ФАО.

Со цел да се придонесе кон исполнувањето на овие обврски, новиот проект од Зелениот климатски фонд ќе ги поддржи националните напори за декарбонизација преку зајакнување на институционалните капацитети за интегрирано управување со шумски пожари, како и преку унапредување на транспарентноста, достапноста и користењето на климатски информации. Овие напори имаат за цел да ги намалат емисиите на стакленички гасови од шумите, да ја зголемат нивната способност за апсорпција на јаглерод и да ја подобрат севкупната климатска отпорност на земјата.

Во официјалното обраќање на настанот, Даме Димитровски, советник на премиерот за животна средина и клима, и примарно лице за контакт при Националниот назначен орган за ЗКФ изјави дека Владата на Северна Македонија е цврсто посветена на заштитата на македонските шуми како основа на одржливиот развој и климатската отпорност.

Овој проект, клако што посочи Димитровски, претставува важен чекор напред — зајакнување на националниот одговор на шумските пожари, унапредување на развојот со ниски емисии и поддршка за исполнување на нашите обврски согласно Парискиот договор.

-ФАО ја цени довербата на Владата на Северна Македонија и со гордост делува како клучен партнер на Зелениот климатски фонд, поддржувајќи ги климатските приоритети на државата преку фокусирани и ефективни интервенции, изјави Џереми Шликенрајдер, експерт за природни ресурси на ФАО и водечки технички службеник на проектот.

Тој истакна дека овој проект поставува цврста основа за идно зголемување на инвестициите во проекти со висок импакт, насочени кон поефикасен, поодржлив и климатски отпорен шумарски сектор.

-Преку зајакнување на националните капацитети за интегрирано управување со шумски пожари и унапредување на собирањето и размената на климатски информации, проектот директно придонесува за намалување на емисиите на стакленички гасови од шумите и за исполнување на обврските од Национално утврдените придонеси (NDC). Стратешкото планирање дополнително ќе ги насочи напорите за спречување на шумски пожари и за мобилизирање ресурси и инвестиции за одржливи шуми отпорни на климатски промени, додаде тој.

Од ФАО велат дека ќе продолжат да соработуваат со Владата на Северна Македонија и Зелениот климатски фонд, со цел со цел максимално искористување на можностите за проширување на климатските активности финансирани преку ЗКФ и други партнери.

Овие заеднички напори, како што посочуваат во соопштението, ќе придонесат за остварување на националните приоритети за адаптација и ублажување на климатските промени, особено во клучните сектори како што се земјоделството, шумарството и користењето на земјиштето.

Можете да прочитате

Финансиска полиција поднесе кривична пријава против Милчо Манчевски за сомнителни трансакции од 950.000 евра

Советници од СДСМ во општина Кавадарци бараат одговори за работењето на Ски центарот „Михајлово“

Љубчо Георгиевски: Ванчо Михајлов не бил фашист