
Само неколку недели по почетокот на втората половина од годината, технолошката индустрија е потресена од нов бран отпуштања во најголемите светски компании.
Според податоците што ги собра „Бриџ Кроникл“ (The Bridge Chronicle), повеќе од 100.000 луѓе веќе останале без работа, а предводи Интел (Intel) со повеќе од 12.000 укинати работни места ширум светот.
Следува Мајкрософт (Microsoft) кој отпушти 10.000 вработени во неколку оддели, вклучувајќи ги клауд, гејминг (заедно со развојните студија) и хардвер.
Мета (Meta) отпушти околу 8.000 работници, и покрај тоа што нуди бонуси од 100 милиони евра за нови вработувања во областа на вештачката интелигенција и забрзано гради центри за податоци за вештачка интелигенција. Меѓу компаниите кои исто така спроведоа големи отпуштања се Амазон, Гугл, Сејлсфорс и Циско.
Очекувањата дека Интел ќе го намали бројот на работници траат уште од катастрофалниот финансиски извештај во август 2024 година. Новиот извршен директор, Лип-Бу Тан, во април почна со намалување на работната сила за 20 проценти, а целиот оддел за автомобилски чипови наводно бил затворен во јуни. Истиот месец бил намален и бројот на вработени во фабриката во Орегон, а се појавиле гласини дека се планираат и дополнителни отпуштања.
За разлика од Интел, другите компании кои отпуштија илјадници луѓе не страдаат од лоши финансиски резултати. Промената на приоритетите и новите технологии, пред сè вештачката интелигенција (ВИ), ги принудија да го прилагодат работењето.
Најголемата промена досега ја донесе токму ВИ, поради која компаниите воведуваат автоматизација и го намалуваат бројот на вработени. Некои извршни директори, како што се Дарио Амодеи од Антропика и Џим Фарли од Форд, предупредуваат дека вештачката интелигенција ќе ја десеткува американската канцелариска работна сила, додека директорот на Нвидиа, Џенсен Хуанг, смета дека сè зависи од човечката креативност.
Според Бриџ Кроникл, масовното вработување од далечина за време и непосредно по глобалната пандемија, во очекување на раст предизвикан од карантините, сега се покажува како погрешен потег. Откако светот повторно се отвори, предвидениот раст не се оствари, па компаниите останаа со вишок вработени и преклопување на работни задачи.
На ова се надоврзаа и глобалните предизвици кои го влошија работењето на бројни компании. Царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп предизвикаа шокови во разни сектори, а технолошките компании се меѓу најпогодените. Тука се и руската инвазија врз Украина, како и трговската војна меѓу Кина и САД. Иако технолошките гиганти и понатаму вложуваат милијарди во вештачка интелигенција и центри за податоци, истовремено ги намалуваат вложувањата во помалку профитабилни проекти, што резултираше со илјадници отпуштања ширум индустријата.