
Интензивно работиме на завршување на автопатот Охрид-Кичево. Користиме совремеми техники за да ги стабилизираме косините. Од 16, веќе 14 косини го стабилизираме и најголем дел се со галерии, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска од Охрид.
Тој истакна дека овие зафати за прв пат се прават во Македонија и ретко каде во регионот има такви инженерски потфати.
“Таму отидовме со решение, кое по мене требало да се направи уште кога почнал да се работи овој проект, за жал проекти немаше, геолошки истражувања немаше. Сега се направија проекти за 16 свлечишта, од кои што 14 ги стабилизираме, најголем дел се со галерии, едната е веќе готова кај селото Извор, втората почнува да се работи, очекувам до пролет три да се целосно завршени. Најголемиот проблем е кај селото Ботун, цела планина буквално се спушта таму. Таму ќе одиме со стабилизација во земја, 14-21метар ќе се спуштаме во земја, чисто за споредба тоа се згради од 4 до 5 спрата. Станува збор за техники кои што се модерни и најнови во инженерскиот систем, ветивме дека ќе го завршиме автопатот и ќе го завршиме, без разлика што се’ треба да се направи, рече Николоски.
На новинарско прашање, дали во рокот ќе заврши изградбата на автопатот, вицепремиерот Николоски истакна дека динамиката на работите е одлична и дека очекувањата се автопатот да биде пуштен во рамките на договорениот рок.

