Првите резултати од владината поддршка за нови авиолинии ги дадоа резултатите. Имаме шест нови ексклузивни линии, а особено ми е драго затоа што Охридскиот аеродром го отвораме за еден од најголемите аеродроми во Европа, аеродромот во Истанбул кој претставува аеродром со најголем број конекции кон Европа и светот, истакна заменик претсдателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Како што соопшти Министерството за транспорт, тој во гостување на ТВ Алфа потенцирал дека ова е огромна можност за зголемување на туризмот посебно во Охридскиот регион. Додал дека оваа линија кон Истанбул, вклучувајќи ја и новата линија Охрид – Базел Милхаус – Охрид, ќе даде нов инпут во развојот на авиосообраќајот имајќи предвид дека имаме голема дијаспора низ Европа и светот, но и можност за граѓаните од Албанија да ги користат новите линии од Охридскиот аеродорм.
– Во однос на Скопскиот аеродром за мене најзначајна е дестинацијата Скопје – Дубаи бидејќи сметам дека Македонија треба да ја отвораме кон средниот и далечниот Исток, има многу можности за водење бизнис, македонските компании да продаваат на тој пазар, а и инвеститори да доаѓаат во Македонија. Со оваа директна линија значи отворање на многу точки кон Азија. Исто така интересна е дестинацијата Барселона која што сум сигурен дека ќе ја користат многу македонски граѓани, а исто така многу туристи од Шпанија би ја користеле. Оваа линија ќе биде годишна, а не сезонска. Тука е и Штутгарт како и целосно новата дестинација Лион каде ја отвораме Јужна Франција и се отвора можноста бројни туристи да доаѓаат во Македонија, истакнал министерот Николоски.
Во однос на цената, тој потенцирал дека очекува цените на билетите да бидат меѓу 40 – 60 евра, а поради интерес за нови дестинации во ноември ќе се распише и втор јавен повик за финансиска поддршка каде се очекува отворање на уште четири до пет нови дестинации.