Опозицијата го поддржува пристапувањето на Македонија во ЕУ, но не го прифаќа францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија. Во интервју за В4НА, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вели дека е неприфатливо земјата да мора да го промени Уставот за да ги започне пристапните преговори со Брисел.
Според Николоски по ова прашање нема голема разлика меѓу клучните политички чинители во оваа земја од Балканот. Меѓутоа, со прифаќањето на францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, актуелната влада во Скопје се согласи на услови што ниту една друга земја која претходно аплицирала за приклучување досега не ги прифатила.
Клучно е Македонија да ги започне пристапните преговори со Брисел што е можно поскоро, без да и се наметнуваат дополнителни услови на земјата и да не се поставуваат барања кои не се дел од Копенхашките критериуми, посочи Николоски
„ Мислам дека Македонија треба да ги започне пристапните преговори со Европската унија без да го менува Уставот. На ниту една друга земја која веќе е членка на ЕУ не и беше побарано да го направи тоа“, рече тој.
Македонија аплицираше за членство во ЕУ на 22 март 2004 година. Европската комисија даде позитивно мислење на 9 ноември 2005 година и земјата доби статус на кандидат од Европскиот совет во декември 2005 година. ЕК првпат препорача да започнат пристапните преговори со Македонија во октомври 2009 година.
„ Тогаш бевме на иста позиција како Хрватска. Сега, сепак, можеме да видиме дека Хрватска не само што е членка на Европската унија, туку таа треба да стане и дел од Шенген зоната. Спротивно на тоа, Македонија не ги ни започна пристапните преговори. ВМРО ДПМНЕ само бара ЕУ да ги почитува сопствените документи, особено Копенхашките критериуми“ изјави Николоски за В4НА.
На прашањето дали неговата земја би се откажала од евроинтеграцијата доколку Брисел наметне дополнителни услови, Николоски рече дека овој процес мора да се води мудро. Клучните прашања за државата во пристапниот процес се борбата против организираниот криминал и корупцијата и да се зајакне владеењето на правото, посочи тој. За жал, тоа во моментов не е видливо во работата на Владата во Скопје, истакна Николоски, додавајќи дека токму тоа е еден од најголемите проблеми во процесот на евроинтеграциите.
Балканската земја не може да го промени својот Устав во сегашните околности и услови, Потребни се гаранции дека Македонците можат да го зачуваат својот идентитет, култура и историја, нагласи тој.