
Владата донесе одлука за почнување подготвителни работи за целосна реконструкција на железничката линија од Скопје до Кичево на Коридиорот 8. ЕУ ќе обезбеди 5,3 милиони евра грант за физибилити студија, а водечка финансиска институција ќе биде Европската банка за обвнова и развој која ќе одбере консултант, по што ќе се оди кон втората фаза – работа на терен, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Како што истакна Николоски на прес-конференција, линијата е во лоша состојба и по неа сега е невозможно да се движат возови.
-Затоа решивме прво да ја реконструираме, а потоа да ставиме модерна сигнализација и да ја електрифицираме. Дури и да беше во добра состојба, по железницата ќе оперираа само дизел локомотиви, рече Николоски.
Реконструкцијата ќе овозможи, потенцира вицепремиерот, поврзување на Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар – Кичево.
Тој соопшти и дека државата го добила случајот „Казандол“.
-Сакам да информирам за донесената пресуда во арбитражната постапка „Казандол“ каде државата беше тужена од неколку инвеститори. Нивното барање беше 115 милиони евра отштета, но можам со гордост да кажам дека овој случај го добивме, сите 11 основи по кои државата беше тужена се одбиени и заштедени се 115 милиони евра. Пресудата е целосно во наша корист, а случајот не беше воопшто лесен, подвлече Николоски.