
Бруто домашниот производ (БДП) на Македонија порасна за 3,4% во периодот април–јуни, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
Особено нагласува дека секторите градежништво, транспорт и складирање бележат силен раст, што ги прави двигатели на македонската економија. Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7,3%, што е поголем раст од оној во првиот квартал (7,1%), додека секторот транспорт и складирање бележи раст од 6,0%.
Николоски истакна дека со засилената активност во изградба на патишта, инвестиции во железници и локални проекти, растот во третиот квартал се очекува да биде уште поизразен. „Тоа е заслуга на вредните работници кои работат во сите временски услови и на јасните политики и стратегија на Владата и Министерството за транспорт. Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот.
Овој податок ја потврдува стабилноста на економијата и укажува на значајната улога на инфраструктурните и транспортните инвестиции за забрзан развој.