
Денеска, во кафе бар Синдикат, се одржа слушачка промоција на новиот албум „Ентропија” на Никола Бочваров Квартет, со што официјално беше означен почетокот на неговиот живот пред публиката.
„Ентропија” е второ издание под името Никола Бочваров Квартет и претставува 51 минута современ џез, изведен од квартет во состав: Иван Петровски (гитара), Александар Ванчовски (тапани), Филип Димишковски (клавијатури) и Никола Бочваров (бас). Албумот е снимен во два различни амбиенти – дел од композициите во студиото „Алшар” во Скопје, а дел во живо во Малата сала на Македонската филхармонија, што му дава изразен контраст меѓу интимна студиска структура и концертна енергија.
Авторски, „Ентропија” е дело на Никола Бочваров, со вклучени композиции поврзани со творештвото на Ристо Вртев, изведени како омаж на неговата музика.
Албумот е издаден исклучиво дигитално, преку платформата Bandcamp, каде е достапен за streaming и download во високо-квалитетни аудио формати. Со оваа одлука, авторот свесно го позиционира изданието во современиот контекст на независно музичко издаваштво и директна комуникација со публиката.
Концертна промоција на „Ентропија” е најавена за наредните два до три месеци, со очекување да се одржи во Скопје до крајот на пролетта.
Албумот „Ентропија” е објавен на 30 јануари 2026 година и е достапен преку Bandcamp на следниов линк. Entropy | Nikola Bochvarov Quartet

