Иако серијата доби повеќе критики отколку пофалби, „Ејч-би-о макс“ потврди дека ќе се снима трета сезона на „И, едноставно, така…“.
На социјалните мрежи има многу коментари, има гледачи што со нетрпение ги очекуваат новите епизоди, а има и многу што им даваат совети на сценаристите како да ја подобрат серијата.
Никој не ја сака Че Дијаз, најконтроверзниот лик во новото поглавје на „Сексот и градот“.
Сара Рамирез ја портретира Че – небинарна, пансексуална комичарка, која требаше да биде противотров за недостигот на диверзитет во серијата. Но, таа стана едно од имињата што генерира најголема антипатија.
Речиси сите се согласуваат во едно – ја сакаат Саманта, а не им се допаѓа Че.
„Можете ли да се ослободите од Че?“, „Се надевам дека Саманта ќе се врати целосно“, „Ве молам, не Че“, „Че ја уништува серијата“, „Тргнете ја Че“, „Повеќе Лиза, помалку Че“, „Ејдан и Кери нека бидат заедно во третата сезона“, пишуваат гледачите во коментари.
„Ејч-би-о макс“ во вторникот ја потврди новата сезона, а продуцентот Мајкл Патрик Кинг изјави: „Возбудени сме што поминуваме време во универзумот на ‘Сексот и градот’ и раскажуваме нови приказни за животите на блиски и амбициозни ликови, кои ги глумат неверојатни актери. И, едноставно, така… доаѓа третата сезона“.
Серијата ги следи Кери (Сара Џесика Паркер), Шарлот (Кристин Дејвис) и Миранда (Синтија Никсон), кои живеат во Њујорк, и е продолжение на „Сексот и градот“. Многу е променето од оригиналната серија, а веста за третата сезона доаѓа пред финалето на втората, која ќе се емитува в четврток, 24 август. Во последната епизода ќе се појави и Саманта Џонс (Ким Катрал).