Утрински Весник
Македонија

Незадоволство во ЛДП – Зајкова распушта општински организации, додека се додворува на ВМРО-ДПМНЕ

Ldp.jpg

Раководството на Либерално демократската партија распуштило четири општински организации на партијата по образложение дека тие не учествувале активно во кампањата на последните парламентарни избори, дознава 24инфо.мк.

Нашите извори во ЛДП брифираат дека на последната седница на Централниот одбор на ЛДП, наместо кон понесување одговорност на претседателката и генералниот секретар на партијата, раководството за изборниот пораз прстот го вперило кон претседатели и раководства на општински организации кои оствариле добар резултат.

Три раководства од скопскиот (Кисела Вода, Центар и Аеродром) и едно од раководствата во Пелагонискиот регион (Прилеп) се распуштени и истите поднеле жалба до Собранието и до ЦО на ЛДП.

Тие пак жестоко реагираат дека станува збор за самоволие и тврдат дека распуштањето е надвор од Статутот на партијата.

„Сметаме дека оваа одлука е донесена тендециозно, со цел елиминирање на поединци, членови од поедини Општински огранизации или цели Општински организации кои не се согласуваат со политиките на сегашното раководство. Таквиот начин на отстранување на членовите на партијата кои не се согласуваат со политиките на актуелното раководство, не е ниту демократски ниту либерален начин на водење на партијата и наликува на тоталирарни и антидемократски партии, а не модерни европски партии“ се вели во жалбата поднесена до Собранието и ЦО на ЛДП.

Претседателката „намигнува“ кон ВМРО-ДПМНЕ?

Нашите извори од партијата велат дека огромно е незадоволството кај голем дел од членовиите од односот на претседателката.

Имено, тие реагираат на немањето на никаква комуникација со претседателката и генералниот секретар и се крајно разочарани од немањето на визија на раководството како понатаму, ниту пак од ангажманот на пратеничката Зајкова во Собранието.

Според нив, претседателката Моника Зајкова испраќала сигнали до ВМРО-ДПМНЕ за евентуално приклучување на ЛДП кон парламентарното мнозинство, што за нашите извори би значело изневерување на гласачите и целосно идеолошко застранување на партијата.

Нашите извори тврдат дека актуелното раководство на ЛДП било далеку повеќе заинтересирано да се приклучи кон ВМРО-ДПМНЕ отколку што навистина имало интерес и потреба кај владејачката партија.

Што понатаму?

Распуштените ограноци на ЛДП очекуваат раководството да постапи согласно статутот и да ја усвои нивната жалба.

Во спротивно, како што најавуваат ќе побараат поддршка од другите општински организации, а ќе се следува и барање за организирање на вонреден конгрес, дефинирање на нови програмски определби и промени во раководството на партијата.

ЛДП на последните парламентарни избори освои само едно пратеничко место, а пратеничка стана токму претседателката Моника Зајкова.

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер