Утрински Весник
Свет

Невиден пожар во Њу Џерси: Зафатена шума, илјадници луѓе се евакуирани

20250423184043 big 730x400 77.webp.webp

Шумски пожар избувна вчера на источниот брег на САД. Снимките од дрон ги покажуваат неговите размери, разорните пламени и густите обрачи чад. Илјадници луѓе мораа да бидат евакуирани од околните градови. Причината за пожарот засега не е позната, но сувото време и силниот ветер придонесуваат за негово натамошно ширење.

Голем шумски пожар во вторникот ја зафати американската сојузна држава Њу Џерси. Пожарот проголта околу 3.500 хектари во округот Оушн. Досега само 10 отсто од пожарот е локализиран. Причината за пожарот е под истрага и се уште не е утврдена.


Шумскиот пожар го сними и метеоролошката служба Windy.com, која покрај временските појави овозможува и следење на пожарите низ светот преку слојот „Активни пожари“.

Брзото ширење на пожарот им се закани на околу 1.300 домови. Наредена е задолжителна евакуација на илјадници жители во делови од Оушн Тауншип, Лејквуд и Лејси Тауншип. Доброволната евакуација вклучи и дополнителни населби.

Шерифот на округот Оушн изјави за „Си-би-ес њуз“ во вторникот вечерта дека нема пријавени повредени, но неколку бизниси се оштетени, главно во градот Лејси. Допрва треба да се изврши проценка на штетите на зградите.
Пожарот веќе има последици по целата држава. Според податоците на порталот PowerOutage.us, речиси 26.000 корисници во округот Оушн останале без струја. Неколку патишта беа исто така затворени поради намалената видливост, вклучително и Garden State Parkway, главната сообраќајница во Њу Џерси.

Токму намалената видливост и високата загаденост на воздухот најмногу ја комплицираат ситуацијата. Причината се густите црни облаци од чад и пепел од пожарот. Зголемено количество чад се задржа во областа во текот на ноќта, бидејќи ветерот постепено стивнуваше.

Многу силниот ветер, кој во вторникот достигна брзина од над 40 км/ч, може да биде една од причините за ширење на големиот пожар. Иако во средата ветрот ослабна, се очекува во наредните денови повторно да засили.

Пожарот избувна и во време кога официјалното предупредување за суша е во сила во Њу Џерси по период на екстремно потпросечни врнежи. Температурите на воздухот, пак, во моментов се значително над долгорочниот просек. Дожд во текот на викендот се очекува да ја ублажи состојбата.

Иако пожарите не се толку чести во овој регион како во некои други делови на САД, ваквите појави не се туѓи за оваа област. Во ноември, пожарот Џенингс Крик во Њу Џерси и Њујорк изгоре неколку илјади хектари. Во просек, годишно во Њу Џерси горат околу 3.500 хектари шума, така што пожарот во вторник веќе го достигна годишниот просек.

Можете да прочитате

На Карлос Сантана му се слоши пред настап во Тексас, итно префрлен во болница

Експлозија во Москва, се запали автомобил

Светската велосипедска елита од 27 април до 4 мај ќе се собере на шеесеттата Претседателска трка во Туркије