Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека земјата ќе ја продолжи војната во Појасот Газа додека не се постигнат сите цели и ја обвини палестинската милитантна група Хамас за застојот во преговорите за привремен прекин на огнот.
– Капитулирањето пред барањата на Хамас би било ужасен пораз за државата Израел, рече Нетанјаху во видео порака објавена денеска. „Тоа би била голема победа за Хамас, Иран и целата оска на злото.
Тоа би покажало страшна слабост за нашите пријатели и за нашите непријатели“, ја пренесува ДПА изјавата на Нетанјаху.
– Ако Израел покаже слабост на овој начин, тоа само ќе ја доближи следната војна и ќе го отфрли следниот мировен договор, „бидејќи сојузи не се прават со слабите и поразените.
Сојузи се прават со силните и победниците, предупреди тој.
Во моментов во Каиро се водат разговори со посредство во кои учествуваат претставници на Хамас, со надеж дека ќе се обезбеди ослободување на преостанатите заложници во Газа во замена за палестинските затвореници кои се држат во израелските затвори.
Се разговара и за можен прекин на огнот.
Нетанјаху рече дека Израел покажа флексибилност за време на преговорите во Каиро, додека Хамас се држи до своите „екстремни позиции, пред сè повлекувањето на нашите сили од Појасот, ставање крај на војната и Хамас да се остави недопрен“.