
Поранешниот напаѓач на репрезентацијата на Македонија, Илија Несторовски, откри зошто според него довчерашниот селектор престанал да го повикува во репрезентацијата.
Кога Благоја Милевски во август 2021 година седна на селекторското столче, Несторовски беше во аут поради скинати лигаменти. Кога се врати на клупски план не добиваше повик сѐ до пријателските во ноември 2022 година, бидејќи претходно и речиси и да не играше за Удинезе во Серија А. Оттогаш беше повикуван на сите натпревари заклучно со септември 2023, кога веќе се префрли во второлигашот Асколи. Потоа стана отпишан. Запиша 6 настапи под Милевски, двапати беше неискористена резерва, а не постигна гол.
Сепак, Несторовски смета дека друга е причината што Милевски престанал да го повикува.
„Не можам да кажам дека сум скаран со Благоја Милевски, едноставно него не му одговараат играчи со силен карактер. Одлучи да не ме вика повеќе, зборуваше дека не му се вклопувам во тактичките замисли. Сѐ е во ред, нема проблем, секако дека тој носи одлуки за кои смета дека се исправни, но треба да се зборува како што е. Тоа нема врска ниту со технички, ниту со тактички работи“, рече Несторовски во интервју за Mozzart.
Несторовски, кој годинава наполни 35 години, има вкупно 52 натпревара за Македонија со постигнати 10 голови. Сега игра за хрватскиот прволигаш Славен Белупо, за кој на 12 натпревари сезонава има 4 голови и 3 асистенции.

