Семејствата во Маракеш ја поминаа втората ноќ на улиците во неделата, бидејќи најсмртоносниот земјотрес во Мароко во повеќе од половина век, остави многумина да стравуваат дека повеќе не е безбедно да се вратат во своите домови.
Од петочниот земјотрес, Мохамад Ајат Елхај (51) спие на улица со своето семејство во близина на источниот центар, откако откри знаци на оштетување на неговиот дом, вклучително и пукнатини на ѕидовите.
„Не можам да спијам таму. Барам надлежните да ми помогнат и да донесат стручно лице кое ќе процени дали можам да се вратам во куќата или не. Ако постои ризик, нема да се вратам во куќата“, изјави тој за „Ројтерс“.
Во многу делови на Мароко, луѓето беа на отворено во саботата вечерта по земјотресот што ја погоди земјата.
До недела бројот на загинати се искачи на 2.012, а други 2.059 се повредени.
Во земјотресот оштетени се делови од историскиот центар на Маракеш, популарна туристичка атракција.
Норедин Лахбаби, 68-годишен пензионер со четири деца, изјави синоќа додека се подготвуваше да спие надвор, дека штетата на домовите на луѓето е огромна.
„Тоа е болно искуство. Кога тоа ќе се случи со вашиот брат или сестра, тоа е навистина болно“, рече тој.
Единаесетгодишната Јовра, зборувајќи покрај нејзиниот татко, рече дека се чувствува непријатно да спие покрај непознати.
И во планинскиот масив, Мароканците кој го преживеаја земјотресот останаа на отворено, откако земјотресот во земјата опустоши села. Соседите сè уште трагаат по преживеани закопани под урнатините каде што беа уништени куќи направени од кал, камен и грубо дрво, а минарињата на џамиите беа урнати.
Во селото Амизмиз во близина на епицентарот, спасувачите со голи раце отстрануваа урнатини.
Ѕидовите што се распаѓаа ги блокираа тесните улички. Пред болницата лежеа десетина тела покриени со ќебиња додека ожалостените роднини стоеја во близина.
„Кога почувствував како се тресе земјата под моите нозе и кога куќата се навали, побрзав да ги извлечам моите деца. Но, моите соседи не можеа“, изјави Мохамад Азав.
„За жал, во тоа семејство никој не беше пронајден жив. Таткото и синот се пронајдени мртви, а потрагата по мајката и ќерката се уште трае“, додаде тој.
„Немаме куќа, немаме храна, само Господ може да ни помогне“, сведочеше друг човек.
Спасувачите застанаа на урнатините на зградата во Амизмиз, од која ѕиркаа делови од теписи и мебел. Се формираше долга редица пред единствениот отворен дуќан.
Речиси сите куќи во областа Асни, на околу 40 километри јужно од Маракеш, се оштетени, а мештаните се подготвувале да ја поминат ноќта надвор. Имаше недостиг од храна бидејќи покривите се срушија на кујните, рече Мохамед Охамо.