Утрински Весник
Македонија

Нема покачување на платите во образованието, наставниците револтирани

Skolo 4 780x470 1.png

Новата учебна година започнува за две недели, но вработените во образованието нема да добијат зголемени плати.

Зголемувањето на платите, односно нивно усогласување со растот на минималната плата, беше закочено поради двојните избори што се одржаа оваа пролет, па очекувањата беа дека новата Владата ќе го заврши процесот со што вработените во образованието требаше да добијат покачување на платите од 12,5 проценти.

Но новата влада реши тоа да не го стори, односно оваа година наставниците и професорите да не добијат покачување, а тоа да се случи следната година во месец март каде ќе добиеле покачување помеѓу 10 и 12 проценти.

„Согласно тоа како се движи бруто-домашниот производ (БДП) и согласно колективниот договор, наставниците во март идната година ќе добијат околу 12 проценти покачување на платата. Со СОНК остварив две средби. Можам да кажам дека имавме конструктивни средби и големо разбирање, но не само со СОНК, туку и поединечно со групи на наставници. Јас ги замолив и пред изборите и по изборите да имаат малку трпение. Знам што значи плата, и знам што значи да се живее од плата, но вие го знаете долгот на Министерството, го знаете долгот на државата така што за оваа година ние навистина немаме можности да преземеме некаква сериозна активност во тој правец, а јас како министер не можам да дозволам на моите наставници да им се покачи платата за 200-300 денари. Простете што велам мои, но јас сум одговорна за нив и тие се мои. Но, направени се сериозни разговори во Владата и со министерката за финансии и тие во март следната година ќе добијат според тоа како се движи БДП и според колективниот договор покачување од 10-12 проценти. Мислам дека тоа ќе биде 12 проценти покачување на платата, рече пред две недели министерката за образование Весна Јаневска.

Од друга страна претседателот на Синдикатот за образование наука и култура Јаким Неделков вели дека оваа изјава на Јаневска не е договорена со СОНК и најави дека Синдикатот нема да се откаже од барањето за усогласување на платите во основно и средно образование за 12.15%.

Во кус разговор со 24инфо.мк Неделков вели дека СОНК очекува средби со МОН, Министерство за финансии и со премиерот за нивното барање, а во зависност од исходот на тие средби, Советот на СОНК ќе расправа и ќе носи одлуки.

Наставниот кадар е револтиран

Веќе в понеделник вработените во образованието се враќаат на своите работни места, но овој пад видно револтирани и огорчени.

Наставничка во основно и професор во средно образование кои сакаа да останат анонимни за 24инфо.мк велат дека и тие и некои нивни колеги се разочарани од тоа што во септември нема да го добијат планираното покачување.

За двајцата покачувањето на платите било очекувано, а парите од зголемувањето испланирани во домашниот буџет.

Во некои вибер групи на наставници веќе се зборувало за следни чекори а дел од наставниците повикувале на предупредувачки штрајк.

Дали учебната година ќе почне навреме и без потреси, ќе се знае во следните десеттина денови кога наставниот кадар ќе почне со работа и откако ќе се случат (или не) средбите на раководството на СОНК со надлежните.

Можете да прочитате

СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Изгоре 5% од територијата а вие терате политиканство

Ангелов: Пожарот на Галичица делумно под контрола, дејствуваат над 120 лица

За едно деноноќие – пет пријавени случаи на семејно насилство