
Со неколку стотини маскирани од земјава и странство во Прилеп по 25-ти пат денеска се одржа карневалот „Прочка“.
Дефилето на маските низ центарот на Прилеп традиционално го предводеа прилепските мечкари кои се заштитена маска на карневалот, но и како нематеријално културно наследство.
Со дефилето и обредниот ритуал на бркањето на злите духови, прилепските мечкари ја потврдија стогодишната традиција, која, велат ќе продолжи да живее и преку подмладокот што го имааат.
-Навистина е голема традицијата и цврсто се одржува. Радосен сум што карневалот го вративме на меѓународната сцена. Ни пристигнаа и учесниците од повеќе градови од Македонија, но и од Србија, Бугарија, нагласува Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“ кое е организатор на прилепскиот карневал.
Претседателот на европската асоцијација на карневалските градови Ларс Алгел изрази задоволство што е повторно во Прилеп по 10-тина години.
-Навистина сум среќен што направивте убав старт на карневалот и имам посебни чувства што сум тука присутен и уживам во карневалот на маските, порача Алгел.
Според прилепскиот градоначалник, Дејан Проданоски, се враќа сјајот на Карневалот и празнувањето на Прочка во Прилеп што во себе го носи простувањето.
-Маските се одраз на сето она што се случувало во текот на годината. Да се избрише лошото, да се остави простор за доброто. И да се простува. Прилепскиот карневал го враќа сјајот на меѓународната сцена и ќе се потрудиме уште повеќе да го збогатуваме, рече Проданоски.
Жири комисија ќе ги прогласи најдобрите маски. И на централното карневаско дефиле, и од детскиот карневал.
Прилепските мечкари ги поканија учесниците утре, на чисти понеделник, на традиционален посен ручек- посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп со што ќе се означат и Велигденските пости.

