
Неколку стотици книги во библиотеката на Одделот за египетски антиквитети во парискиот музеј Лувр биле оштетени поради протекување вода во ноември, соопшти управата на оваа културна институција, пренесуваат француските медиуми.
„Штетата моментално се однесува на помеѓу 300 и 400 книги. Се наоѓаме во процес на изготвување целосен инвентар“, изјави за француската онлајн телевизија BFMTV претставникот на музејот, Франсис Стенбок, додавајќи дека во тек е сушење на секоја книга, страница по страница, со помош на впивачки хартија.
Тој додаде дека станува збор претежно за археолошки списанија и важни книги, но не и за особено скапоцени дела.
Цевката која предизвикала протекување, а која требало да остане затворена, е дел од систем кој мора целосно да се замени, изјави Стенбок.
Угледот на музејот Лувр веќе бил нарушен во октомври поради спектакуларна кражба која се случила среде ден. Тогаш биле украдени накит вреден околу 88 милиони евра.
Таа кражба предизвикала голема дебата во Франција за безбедносните пропусти во најпосетуваниот музеј во светот. Четири лица се уапсени во врска со истрагата, но украдената стока не е пронајдена.

