
Со транспаренти, знамиња и гласна музика, точно во 11 часот се собраа граѓани пред Работничниот дом од каде се упатија кон Собранието. Минимална плата од 500 евра, зголемување на сите останати плати за 100 евра и почитување на колективните договори. Ова се главните барања на Сојузот на синдикати на Македонија од денешниот промајски протест.

Упатија критика на пратениците за високите плати и патни трошоци и им свртеа грб.
„На оваа страна од барикадите сме ние кои бараме достоинствени плати за достоинствена работа. Од другата страна на барикадите се тие кои уживаат привилегии. Луксузот ваш е од трудот наш. Ве молам макар и симболично, да им го завртите сите грбот како што им го вртам јас. За да почувствуваат како е кога работник ќе ви сврти грб“ – изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Оттаму тргнаа кон Стопанската комора. На работодавачите им порачаа да не се кријат затоа што работниците им го заработуваат лебот, а за нив не останува ништо.
„Овие се газди безрбетници коишто 30 години ни ја пијат крвта со памукче и на коишто 500 евра за нас се многу, а сега во Грција пет илјади евра за викенд им се малку. Ова не е за „уа“, ова е за секој ден, цел ден да сме тука на улица додека не ни покачат плата. Ова „уа“ е за сите фамилии кои ни се отселија да бараат леб во странство. Македонија била и ќе биде плодна само со работникот“ – изјави Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Протестот заврши пред Владата. На Илинденска гласно кажаа дека без работници нема економија, нема развој и нема иднина.
„Оваа Влада ветуваше дека ќе биде на страна на работникот, а денес не само што молчи, туку не напаѓа кога ќе побараме повисоки плати. Но, да им биде јасно: не не плашат нивните напади“ – изјави Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.
„Не може платата за работниците со 1.800 денари покачување да биде доволна. Не може луѓе кои имаат по две илјади евра плата да им кажуваат на луѓето со 400 евра дека е доволно“ – изјави Кристина Ампева, претседателка на Гласен текстилец.
„Ги бараме истите бенефиции што ги имате вие затоа што и ние ги заслужуваме. Со што сте вие поважни во општеството од нас работниците? Што вие сте направиле корисно, а ние не сме го направиле десет пати истото повеќе?“ – изјави Томислав Гиевски, претседател на независен синдикат за образование.
Исто како и пред Собранието, граѓаните ѝ свртеа грб и на Владата.
„Денеска сме тука по 500 евра минимална плата помножена по коефициент за сложеност затоа што 500 евра плата не е доволно. Затоа што две минимални плати не овозможуваат основни трошоци за живот на едно четиричлено семејно домаќинство“ – изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Конфередерацијата на слободни синдикати денеска не излезе на протест, бидејќи според нив, социјалниот дијалог е добар и проблемите се решаваат на маса.