
Во примероците земени од Црна Река во Кичево, каде пред околу еден месец беше забележана бела материја и угинати риби, не е пронајдена никаква штетна материја. До ваков заклучок дошол Инспекторатот за животна средина по извршените анализи.
– Ве информираме дека според резултатите од анализите на водата од Црна Река, Кичево – според Извештаите 192/25 и 192-1/25 од 11.09.2025 година од страна на лабораторијата ЕУРОМАК КОНТРОЛ Скопје – нема надминувања на дозволените гранични вредности за површински води – Категорија III – според Правилникот за класификација на водите и Правилникот за категоризација на водите, езерата, акумулациите и подземните води (Сл. весник на РМ бр.18/99 – Класа III): Дозволените параметри за: цијаниди, хексавалентен хром, арсен, кадмиум, олово, никел, манган, железо и антимон се во рамките на дозволените граници, вели Бедри Сулејмани, државен инспектор за животна средина, Полошки регион, канцеларија во Тетово.
Но, зошто имаше угинати риби и други водни животни ако немало енормно загадување? Од Здружението „Hunter Fish“, кои имаат концесија врз реките во Кичево, велат дека ќе продолжат со истрага.
–Ги добивме анализите, но ние како здружение продолжуваме со целосно расветлување на случајот. Ќе го истражиме случајот до крај за да ги утврдиме вистинските околности на таа еколошка катастрофа, велат од здружението на риболовци „Hunter Fish“.
Пред околу еден месец, во Црна Река во Кичево настана еколошки аларм, откако биле откриени угинати риби и други живи организми на површината на водата, поради појава на бела супстанца што течела во реката.