Утрински Весник
Спорт

Навивачите на МЗТ Скопје и Работнички непожелни во Битола на полуфиналната пресметка од Купот на Македонија

1502 Mzt Gostivar 3 Scaled.jpg

Денешната полуфинална средба од кошаркарскиот Куп на Македонија – „Благоја Георгиевски – Буштур“, помеѓу лутите градски ривали и најтрофејни тимови во ова натпреаврување МЗТ Скопје и Работнички (17 часот), кој се игра на завршниот турнир во Битола, ќе помине без присуство на навивачките групи. Оваа неочекувана одлука двата клуба утрово ја дознале откако организаторот на завршницата Пелистер, ги известил со мејл. Во дописот битолчани образложуваат дека ваквата одлука ја донеле поради безбедносни причини. -Сакаме да ве известиме дека поради безбедносни причини присуство на навивачки групи на денешниот натпревар нема да има, се вели во мејлот испратен од таборот на пелистерци. Оваа одлука ги изненади скопските тимови, нивните навивачи и предизвика револт во двата табори. -Нема зборови со кои можеме да ја опишеме нашата разочараност кога утринава го прочитавме мејлот испратен од организаторот на завршниот турнир од Купот на Македонија, кој на помалку од десетина часа пред нашата полуфинална пресметка против Работнички (17 часот) нѐ известува дека забранува присуство на организирани навивачки групи. Апсолутно не ни е јасно како може некој да сака празна сала со стотина „залутани“ на трибините, каква што беше сликата на вчерашните четврт-финални пресметки на средбите на кои не играше домаќинот, наместо спектакуларна атмосфера како што знаат да направат само навивачките групи на вечните ривали. Ова е преседан каков што досега не е виден, бидејќи куп-завршници и во минатото се играле надвор од главниот град, па никаде не е преземена ваква непопуларна мерка. Изминатите часови на секаков начин и со секакви гаранции се обидовме да го смениме мислењето на луѓето од Пелистер, но, за жал, не успеавме во тоа. Кошарката се игра за публиката, таа секаде се негува и ѝ се овозможува да ужива во мајсториите на паркетот, но и да ги бодри своите миленици. Секако според сите правила и закони, што не е спорно ниту во барањето за присуство на нашите навивачи денеска во салата „Боро Чурлевски“. Но, денеска за такво нешто и ние и Работнички добивме забрана од организаторот, се вели меѓу другото во соопштението на бранителот на трофејот МЗТ Скопје. Во сличен стил е и реакцијата на навивачката група на Работнички. -Срам и резил. Кој знае по кој пат истиот пост со слика од мејл како се забранува присуство за организирани навивачки групи. На два часа пред тргнување на веќе организиран превоз добиваме повик па потоа и мејл дека присуството нема да ни биде одобрено. Во сала која е за скоро 1.000 седишта поголема од салата на Кале, каде што изминативе години се одржуваше куп-завршницата, нема услови да се сместат две навивачки групи од не повеќе од 50-60 души. Како господинот претседател на МКФ одобри Купот да се одржи во Битола ако таму нема услови за примање на сите навивачи и дали овој Куп е приватна забава на битолската публика, велат во реакцијата од навивачката група на Работнички.

Можете да прочитате

Рутинска победа на Реал кај Леганес

Дебакл на Хрватска во БиХ, Хрватите ќе останат без место на ЕП

Повредата на Димитријевиќ не е сериозна: Беше само силен грч , се ќе биде во ред набрзо