
НАТО почна со координирање на редовните големи испораки на оружје за Украина во рамки на својот нов финансиски план „Список со приоритетните барања на Украина“, откако Холандија синоќа ја објави првата пратка во вредност од 500 милиони евра (578 милиони долари), пренесе Асошиетед Прес.
Холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс изјави дека неговата земја ќе достави опрема за системи за противвоздушна одбрана, муниција и друга воена помош, од кои поголемиот дел е купен од Соединетите Американски Држави.
Две испораки се предвидени до крајот на овој месец. Опремата е прилагодена на приоритетните потреби на украинската армија на бојното поле. Земјите од НАТО ќе го испратат оружјето и муницијата до конретни локации, наведува агенцијата.
„Пакетите со воена опрема ќе бидат брзо подготвени и ќе бидат испраќани редовно“, соопшти синоќа НАТО.
Најнеопходни се системите за противвоздушна одбрана, посочува агенцијата. Податоците на ОН покажуваат дека во немилосрдното руско бомбардирање во украинскиот заден дел од земјата загинале повеќе од 12.000 цивили во Украина откако Москва ја почна својата војна во соседната земја во февруари 2022 година.