Утрински Весник
Македонија

„Нашето трпение е при крај“ – таткото на Надица Наунова со жесток напад кон судството за случајот „Пулс“

Img 8690.png

Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова, јавно ги повика на одговорност Обвинителството и Кривичниот суд, обвинувајќи ги за неисполнети ветувања поврзани со судскиот процес за трагедијата „Пулс“.

Тој посочи дека наместо најавената засилена динамика на судењето, процесот се соочува со одложувања и, како што вели, постојани оправдувања.

„Пред почетокот на судењето слушнавме гласни ветувања дека ќе има две рочишта неделно, дека нема да има неоправдани одложувања, дека ќе се контролираат лекарските оправдувања и точноста, дека Обвинителството нема да дозволи постапката да пропадне поради неосновани причини, особено ако станува збор за одолговлекување. Тоа беа ваши зборови, ваши гаранции пред јавноста, ваши ветувања кон нас. Денес прашуваме – каде се тие ветувања?“, рече Наунов.

Тој посочи дека во јануари се одржало едно рочиште, во февруари две, а до крајот на месецот е закажано уште едно, „ако воопшто се одржи“. Според него, ветеното темпо од две рочишта неделно не се реализира, а честите оправдувања отвораат сомнежи кај семејствата на жртвите.

„Гледаме обвинети кои од здрави стануваат болни, носат документација за која не знаеме дали е основана. Тоа кај нас буди сомнеж дека дејствијата се со цел одолговлекување на постапката“, нагласи Наунов.

Тој го отвори и прашањето за безбедносните контроли во притворот, откако на првообвинетиот му бил пронајден мобилен телефон во ќелијата.

„На првообвинетиот му е пронајден телефон во ќелија и сè завршило со опомена. Се поставува прашањето дали се врши контрола во притворот, што се случува во телефоните на првообвинетиот, дали се обработени до крај и дали е извлечена целата комуникација. Дали требаше да има само опомена или да помине време во самица? Тоа отвора сомнежи и не враќа доверба“, изјави тој.

Дополнително, Наунов посочи дека на суд било забележано сведочење кое се разликува од изјавата дадена пред Обвинителството.

„Видовме сведок кој даде изјава различна од таа пред Обвинителството. Прашуваме како се постапува со луѓето кои лажно сведочат?“, рече Наунов.

Во емотивно обраќање, тој им порача на сите кои, како што рече, ја релативизираат тежината на случајот:

„За оние кои тврдат дека ‘Пулс’ е толку климаво поставен што ќе падне, нека запомнат нешто – по тие скали не лежат предмети, бројка, статистика. По тие скали лежат 63 млади животи, 63 светови кои згаснаа. Ние немавме деца за давање. Тие беа наша фамилија. Тоа не се имиња на лист хартија. Слушнавме што ветивте, ама гледаме што правите. Нашето трпение е при крај.“ .

Можете да прочитате

Хоџа: Одложен процесот за избор на директор на АЕК

Телма открива за колку убиства се сомничи серискиот убиец од кумановско 

Утре е Прочка – ден за прошка и семејна хармонија