Бројот на жители во Европската Унија е намален за повеќе од половина милион во однос на 2020 година, покажуваат најновите демографски статистички податоци објавени од Евростат.
Извештајот на Евростат за демографија во Европа документира различни фактори кои влијаат на животите на десетици милиони луѓе. Извештајот го открива негативниот ефект на жртвите од КОВИД-19 врз населението во ЕУ, прекинувајќи го годишниот раст забележан до 2020 година.
И покрај тоа што во 17 земји-членки на ЕУ има апсолутен пораст на населението, седум земји го следат спротивниот тренд, вклучувајќи го значителното намалување во Италија, Полска, Грција и во Хрватска.
Годишната демографска статистика има за цел преку голем број клучни метрики да утврди како се развива населението во регионот. Еве некои од најважните сегменти од најновиот извештај.
Бројот на жители во ЕУ на 1 јануари 2022 година бил 446,7 милиони, што е благо намалување во споредба со истиот ден во 2021 година, но во споредба 2020 година, ЕУ сега има 585.000 помалку жители.
Популацијата на ЕУ растеше на годишно ниво до јануари 2020 година, а потоа почна да го зголемува негативниот тренд, кој им се припиша на жртвите предизвикани од пандемијата на Ковид.
Извештајот на Евростат покажува дека ЕУ забрзано старее: повеќе од една петтина од жителите на ЕУ сега се на возраст од 65 или повеќе години. Со пристап до подобри здравствени установи, уделот на лицата постари од 80 или повеќе години речиси се удвои во 2022 година во споредба со 2002 година.
Од друга страна, забележано е намалување на популацијата помлада од 20 години, што значи зголемување на средната возраст на жителите на ЕУ.
Просечната возраст во ЕУ во 2022 година беше 44,4 години, што е зголемување за речиси шест години во споредба со бројките од пред 20 години. Додека Италија имаше највисока средна возраст меѓу земјите-членки со 48 години, Кипар остана на дното со 38,3 години.
Врз основа на најновите податоци за очекуваниот животен век, жените во ЕУ живеат подолго од мажите. Иако севкупниот животен век се намалил за 1,2 години помеѓу 2019 и 2021 година, бројките покажуваат дека жените живеат 5,7 години подолго од мажите.
Очекуваниот животен век при ражање кај жените беше 82,9 за жените во 2021 година во споредба со 77,2 за мажите.
Вкупниот просечен животен век се зголеми од 77,6 години во 2002 година на 80,1 во 2021 година поради факторите како што се намалувањето на смртноста на доенчињата, зголемувањето на животниот стандард, подобрениот начин на живот, подоброто образование и напредокот во здравството и медицината кои ги одложуваат предвремените смртни случаи.