Утрински Весник
Магазин

НАСА работи на робот-куче за спасувања на Месечината

876 1.webp.webp

Мултидисциплинарен научен тим на НАСА веќе наголемо „ги подучува“ роботите „на четири нозе“ да се движат по месечевите кратери и други слични предизвикувачки површини.

Како дел од истражувањето финансирано од американската вселенска агенција, стручњаци од повеќе универзитети и вселенскиот центар „Џонсон“ на НАСА уште од летото 2023 година тестираат тн. „робот-куче“ наречен „Спирит“ (Spirit). На последниот тест кај глечерот Палмер во Орегон, што траел пет дена, направата минала низ различни терени, па и низ снег врз карпести површини користејќи ги своите метални ногарки.

– „Роботот-куче“ мора да биде способен да открие што се случува кога е во интеракција со земјата и брзо и соодветно да ги приспособи своите стратегии за движење, изјави истражувачот Феифеи Кијан.

„Спирит“ е тестиран од тим инженери, стручњаци од когнитивните науки, геолози и астрономи, како дел од проектот под назив „Legged Autonomous Surface Science in Analog Environments“ (ЛАССИЕ). Според истражувачите, тестот помогнал да се дознае повеќе за одликите на земјената површина и движењето по потешки терени. Се собраа сознанија и искуства коишто ќе се користат за „обука“ на роботи за на Месечината, другите планети и можеби на површини вон нашиот Сончев Систем.

– Кога стапалото на роботот ќе се лизне на мраз или ќе пропадне во мек снег, тоа нè инспирира да бараме нови начини и стратегии што ќе ги поместат границите на човековото знаење и ќе овозможат нова технологија. Учиме и стануваме подобри од воочените неуспеси, појасни Кијан.

Тимот тврди дека роботот може „да чувствува“ кога оди на нерамни површини – слично како човек, како и кога земјата се поместува под неговите нозе.

Под надзор на тимот, „Спирит“ ги подобрил своите способности за подвижност преку тестови на песочните плажи во Јужна Калифорнија, Националниот парк „Вајт Сендс“ во Ново Мексико (САД), планината Маунт Худ и други места.

Тимот планира да развие повеќе роботи со четири нозе за мисиите, а НАСА обезбеди двегодишно финансирање од два милиони долари. Целта на тимот е да ѝ помогне на НАСА да распореди роботи на Месечината заради идна соработка во мисиите.

За многумина најфасцинантниот аспект на истражувањето е способноста на „роботот-куче“ да се трансформира во мост, пирамида исл., што ќе му овозможи да спаси човек и на потежок терен.  

Можете да прочитате

Еве зошто одењето е поздраво од трчањето

Ангелските души се раѓаат во овие три знаци! На нивната добрина и нема крај

Печурките имаат магично својство! Ја подобруваат меморијата и ја намалуваат анксиозноста