
Американската НАСА и Европската вселенска агенција (ESA) активно го следат движењето на астероидот YR4, кој е наречен „убиец на градови“, откако се процени дека шансите да удри во Земјата се удвоени. За потсетување, научниците открија дека процентот на веројатност скокнал од 1,2 на 2,2, додека Меѓународната астрономска унија (IAU) го прогласи астероидот за „ниво 3“ на скалата на опасност во Торино, што го прави единствениот чие ниво е над нулата.
Се проценува дека YR4 би ослободил енергија од неколку милиони тони ТНТ, а ударот би бил 150 пати помоќен од атомската бомба фрлена врз Хирошима.
Иако пресметките изгледаат алармантно, астрономот и професор по планетарни науки Ричард Бинзел од Технолошкиот институт во Масачусетс верува дека нема причина за загриженост.
„Можеме да очекуваме процентот на веројатност да варира. Едноставно вака функционираат мерењата на научните податоци“, рече тој.
Додека софистицираната технологија внимателно го следи движењето на најопасниот астероид, се огласи Дејвид Ранкин, инженер на НАСА на проектот Catalina Sky Survey, презентирајќи проекција на потенцијално загрозени области.
Ако YR4 не ја пропушти нашата планета, во опасност би бил појасот од северна Јужна Америка преку Тихиот Океан до Јужна Азија, Арапското Море и Африка.
Со други зборови, земји како Индија, Пакистан, Бангладеш, Етиопија, Судан, Нигерија, Колумбија, Венецуела и Еквадор би биле во потенцијална опасност.
НАСА објаснува дека континуираните набљудувања на орбитата на астероидот ќе го подобрат разбирањето на неговата „веројатност на удар“. Се споменува и можноста YR4 да биде отстранет од листата на опасни астероиди, како што беше случај со другите „вселенски карпи“ во минатото.
Кога астероидот ќе ни се приближи во 2032 година, ќе биде на околу 106.000 километри од Земјата, што дава многу простор да се избегне најлошото сценарио, велат експертите.
Се проценува дека YR4 е широк до 90 метри. Ваквите „вселенски карпи“ ја погодуваат нашата планета во просек еднаш на неколку илјади години, тие можат да предизвикаат значителна штета, но не толку уништување како во ерата на диносаурусите.