Утрински Весник
Економија

Народната банка: Неопходно е претпазливо водење на политиките заради стабилизирање на инфлацијата

Народната банка: Неопходно е претпазливо водење на политиките заради стабилизирање на инфлацијата

На 21 март 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. Беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

dobivaj vesti na viber

„На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми 0,25-процентни поени до нивото од 5,50 %. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така 0,25-процентни поени, со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,40 и 3,45 % соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Со овие промени Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика, кое почна уште од крајот на 2021 година со активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.

Поместувањата во изминатиот период во сегментите релевантни за монетарната политика се во согласност со очекувањата, но ризиците и натаму опстојуваат. Годишната стапка на инфлација забавува и во февруари 2023 година четврти месец последователно. Воедно, анкетните истражувања на Европската комисија од ноември наваму покажуваат очекувања на потрошувачите за одредено намалување на инфлацијата во следните дванаесет месеци. Забавување бележи и базичната инфлација, но таа и натаму е на повисоко ниво. Исто така, и покрај надолната патека, очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите и натаму се проследени со голема неизвесност. На девизниот пазар движењата се стабилни при забележано подобрување во сите сегменти, вклучително и кај корпоративниот сектор. Сепак, неизвесноста за идните текови и натаму опстојува, а амбиентот за спроведување на монетарната политика дополнително се усложнува со најновите случувања во САД и Европа поврзани со проблемите во финансиската сфера. Од тие причини неопходно е претпазливо водење на политиките заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Гледано од аспект на странската каматна стапка, како битен надворешен фактор за спроведувањето на домашната монетарна политика, на состанокот во март, ЕЦБ, според најавата, донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво подолг период од претходно очекуваниот.

Во однос на најновите показатели, растот кај домашните цени и натаму забавува во согласност со очекувањата и во февруари 2023 година се сведе на 16,7 % (17,1 % во јануари). Забавувањето на годишната стапка на инфлација е условено од забавениот раст на цените кај енергетската и базичната компонента на инфлацијата при одредено стабилизирање кај прехранбената компонента. Ревизиите во однос на очекуваните движења кај надворешните влезни претпоставки за проекцијата на инфлацијата се во разни насоки, при што ризиците во однос на проектираната стапка на инфлација за 2023 година главно се урамнотежени. Притоа и понатаму е нагласена високата неизвесност во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период при неизвесни економски ефекти од војната во Украина.

Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на февруари е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на февруари беа претежно стабилни, при што Народната банка само повремено беше присутна на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јануари 2023 година засега е малку понизок од очекувањата за првиот квартал од годината, но периодот на оцена е премногу кус за да се изведат попрецизни заклучоци. Најновите остварувања на менувачкиот пазар, заклучно со февруари, се поволни и засега се во склад со проектираните нето-приливи од приватните трансфери за првиот квартал од 2023 година. Остварувањата кај билансот на плаќања за четвртиот квартал од 2022 година упатуваат на понизок дефицит во тековната сметка во однос на октомвриската проекција при истовремено повисоки остварени финансиски нето-приливи од очекуваните, што заедно доведе до повисок раст на девизните резерви од проектираниот.

Што се однесува до домашната економска активност, во четвртиот квартал од 2022 година реалниот раст на БДП очекувано забави, со што во просек за целата 2022 година економијата бележи реален раст од 2,1 %, што е многу блиску до очекувањата од октомвриската проекција. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментот се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега податоците за јануари покажуваат солиден реален годишен раст на прометот во вкупната трговија наспроти малиот пад во претходниот квартал, како и поумерени негативни движења кај индустриското производство.

Во однос на монетарните движења, заклучно со февруари 2023 година растот на кредитната активност на годишна основа и натаму забавува сведувајќи се на 7,7 %, што главно е во рамките на очекуваното забавување. Притоа кредитите на населението и натаму забавуваат, при што годишната стапка на раст во февруари изнесуваше 7,2 %. Истовремено, растот кај депозитите забрза и достигна 5,9 %, што е малку над очекувањата.

Општо земено, неизвесното и променливо надворешно окружување и нагласените ризици налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со кои ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, велат преку соопштение од Народната банка.

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk