
Актуелниот шампион Наполи претрпе тежок пораз на гостувањето кај Удинезе и ја пропушти шансата да се искачи на врвот во Серија А. Домаќините славеа со минимални 1:0, а решавачкиот гол го постигна Холанѓанецот Екеленкамп во 73. минута. Удинезе претходно имаше и поништен погодок поради офсајд, додека Наполи одигра под своето ниво и не упати ниту еден удар во рамките на голот.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас настапи до 83. минута. Во вториот натпревар од попладневната програма продолжи кризата на Фиорентина. Тимот од Фиренца загуби на домашен терен од Верона со 1:2 и по 14 кола сѐ уште нема ниту една победа во првенството.
Верона поведе во 42. минута преку Орбан, а израмнувањето дојде во 69. минута по автогол на Нуњез. Кога се очекуваше Фиорентина да тргне по победа, Орбан повторно погоди во третата минута од судиското продолжение и ѝ донесе три бода на Верона. Фиорентина има само шест освоени бода и се наоѓа на последното место на табелата.

