
Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска го осуди терористичкиот напад на плажата Бонди како „чин на чисто зло“, бидејќи полицијата потврди дека најмалку 16 лица, вклучувајќи го и еден од напаѓачите, загинаа во вчерашниот напад, пренесе ДПА.
Две вооружени лица отворија оган врз семејства на плажата во Сиднеј на првиот ден од еврејскиот фестивал Ханука.
Во нападот загинаа најмалку 16 лица, вклучувајќи и еден од напаѓачите, а 40 беа повредени, соопшти полицијата на Нов Јужен Велс (NSW), пренесе германската агенција. Полицијата соопшти дека осомничените вооружени напаѓачи биле 50-годишен маж и неговиот 24-годишен син.
Албанезе на прес-конференција утринава изјави дека денот требало да биде „радосна прослава“ во Бонди, но бил „засекогаш оцрнет“ од тоа што се случи.
„Тоа што го видовме вчера беше чин на чисто зло, чин на антисемитизам, чин на тероризам на нашите брегови на познатата австралиска локација.“ Тој рече дека Австралија ќе направи „сè што е потребно за да го искорени“ антисемитизмот, пренесе ДПА.
„Австралија никогаш нема да се покори на поделби, насилство или омраза и ќе го надминеме ова заедно. Одбиваме да им дозволиме да нè поделат како нација“, рече Албанезе и додаде дека државата ќе ги обезбеди сите потребни ресурси за да се одговори на ова зло.
„Вчера беше навистина мрачен ден во историјата на нашата нација. Но, ние како нација сме посилни од кукавиците што го направија ова“, рече Албанезе додека најавувајќи дека денеска знамињата ќе „се веат на половина копје низ целата земја“.


