
Два одделни инциденти во здравствени установи во Скопје биле пријавени вчера во полиција, при што пациент агресивно се однесувал и упатувал закани кон вработени, а во друг случај медицинска работничка била физички нападната.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 10 март во 13:30 часот во СВР Скопје од здравствена установа на подрачјето на Карпош било пријавено дека на 9 март околу 22:50 часот пациентот Б.Ш. (40) од Велес се однесувал агресивно, упатувал закани кон вработените, оштетил дел од инвентарот и се обидел да избега.
Набргу по пријавата, полициски службеници го пронашле лицето и тој бил задржан во здравствената установа, додека надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Во друг инцидент, на 10 март во 11:45 часот во СВР Скопје, вработена од здравствена установа на подрачјето на Центар пријавила дека додека ги извршувала своите работни задачи била физички нападната од едно лице, кое ѝ упатило и закани.
Полицијата работи на расчистување на двата случаи и презема мерки за утврдување на сите околности.

