Украински напад со дрон предизвика пожар и принуди да се евакуира дел од населението во руската област Твер.
-Делови од уништеното украинско беспилотно летало предизвикаа пожар во градот Торопетс, во западниот дел на областа Твер, напиша на Телеграм гувернерот на регионот северозападно од Москва, Игор Рудењ.
Рудењ додаде дека пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот, но не кажа што гори.
Тој, исто така, рече дека руските единици за противвоздушна одбрана се уште се обидуваат да одбијат масовен напад со беспилотни летала врз градот.
Училиштата и градинките се затворени во делови од руската област Твер, соопшти локалната администрација, по извештаите за напад на украинско беспилотно летало во регионот.
Според руските медиуми, Русија гради складиште за ракети, муниција и експлозиви во Торопетс, град стар 1.000 години со повеќе од 11.000 жители.
Седум украински беспилотни летала се уништени и над западниот регион Смоленск, напиша на Телеграм гувернерот на тој регион кој граничи со Белорусија, Василиј Анохин.
Други 14 беспилотни летала беа соборени над регионот Брјанск што се граничи со Украина, а уште неколку беа уништени над регионите Ориол и Тула, соопштија гувернерите на тие региони.
Киев претходно соопшти дека нападите на Украина врз Русија се насочени кон воената, енергетската и транспортната инфраструктура која е критична за воените напори на Москва.