Над седумнаесет илјади уметници, куратори и културни работници потпишаа отворено писмо во кое бараат Биеналето во Венеција годинава да го исклучи израелскиот павилјон од учество на оваа престижна уметничка манифестација, пренесува „Арт форум“. Аргументите за ова барање го вклучуваат фактот дека Израел уби повеќе од дваесет и девет илјади Палестинци како одмазда за нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени 1.200 Израелци, а двесте и педесет беа земени како заложници. Според потписниците на петицијата, Израел извршил геноцид.
Потписниците на писмото го обединија својот апел под името „Алијанса за уметност, а не за геноцид“, а нивната критика се однесува на изјавата на израелските куратори дека „уметноста е неопходна во темни времиња“ и дека „мал простор за слободно изразување и создавање е исто така неопходен среде актуелните настани“.
Потписниците потсетуваат и дека во 2022 година учеството на Русија на Биеналето во Венеција изостана како форма на осуда против агресијата врз Украина. Русија нема да учествува ниту оваа година. Тие потсетуваат и дека Биеналето во Венеција претходно го забрани учеството на Јужна Африка поради политиката на апартхејдот.
Италијанскиот министер за култура Џенаро Сандуљано го отфрли барањето да му се одбие националната презентација на Израел.
„Израел не само што има право да ја изрази својата уметност, туку има и должност да му сведочи на својот народ токму во овој момент кога беше ладнокрвно нападнат од безмилосни терористи“, рече тој. „Ја изразувам мојата најдлабока солидарност и блискост со државата Израел, нејзините уметници и сите нејзини граѓани“, пренесува „Арт Форум“.
Официјални лица на Биеналето во Венеција набрзо потоа издадоа изјава за ова прашање, во која се наведува дека „сите земји признати од Република Италија можат автономно да побараат официјално учество. Следствено, Биеналето не може да разгледа никаква петиција или повик за исклучување на учеството на Израел или Иран на претстојната 60-та меѓународна уметничка изложба“.
Биеналето во Венеција ќе биде отворено за јавноста на 20 април, а ќе му претходи традиционалното тридневно отворање за новинари и експерти.