Утрински Весник
Македонија

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ во четврток заминува на балканска турнеја

20240917101721 Big 730x400 90.webp.webp

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ во четврток заминува на балканска турнеја чие мото е „ТАНЕЦ – 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД“!  Во рамки на турнејата „Танец“ ќе има концерти во Подгорица, Љубљана, Загреб и Бања Лука.

-Публиката во регионот, секогаш знаела да ја цени извонредноста на Танец и со сигурност нестрпливо ги очекува овие уникатни музичко-сценски спектакли, што секогаш ги премостуваат културните разлики и сведочат за обединувачката моќ на раскошниот  македонски музички фолклор. На претстојните концерти во Подгорица (20.9.2024), Љубљана (22.9.2024), Загреб (24.9.2024) и Бања Лука (27.9.2024), на големите сцени на КИЦ „Будо Томовиќ“, „Цанкарјев дом“, „Ватрослав Лисински“ и салата „Борик“, ќе биде изведена раскошна музичко-сценска програма од различни периоди на ансамблот, во која ќе бидат одиграни изворните ора „Тешкото“, „Женско Чамче“ и „Копачка“, како и дел од богатиот кореографски опус на Танец – спектакуларните кореографии „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“, се вели во денешното соопштение од „Танец“.

Во него се додава дека нема да изостане и богатата вокално-инструментална програма на оркестарот и хорот на „Танец“, заедно со првенката Сузана Спасовска, кои за публиката ќе исполнат повеќе антологиски песни од богатата ризница на македонскиот народ, како безвременските „Да сум бистра вода“, „Девојче, девојче“, „Седна баба да вечера“, „Лено, ле, Лено“, „Кирјана вино продава“, „Море сокол пие вода на Вардарот“ и многу други.

Турнејата е во рамките на јубилејната година на ансамблот, кога се прославува 75-годишнината од основањето и таа, како и останатите концерти во сезоната, се одвива под мотото „ТАНЕЦ – 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД“.

Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година во Скопје и претставува еден од најважните столбови на македонската култура и традиција. Формиран е со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и ора, народните инструменти и носии, и преку соодветен уметнички израз да ги прикаже највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. Благодарение на сите генерации кои ја градеа и спроведуваа јасно дефинираната програмска активност на основачите, ансамблот се развиваше и низ годините прерасна во една од најугледите и најрепрезентативните институциии од областа на културата во регионот и во светот.

Во текот на овие 75 години, ансамблот Танец, велат оттаму, има настапувано на најпрестижните сцени на целата земјина топка, со повеќе од 5.000 незаборавни концерти. На неговиот репертоар се наоѓаат над 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални дела, преку кои ансамблот презентира различни музички и кореографски традиции од сите краишта во кои егзистирал богатиот македонски фолклор. Ансамблот поседува и извонредна колекција од 3.000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина, што секој негов настап го претвораат во посебно аудио-визуелно доживување.

Можете да прочитате

МВР го разреши началникот Наим Рамука

Ќе се воведуваат регистарски таблички во различна боја за државните возила

Влада донесе одлука за формирање на Совет за управување со јавни финансии