Утрински Весник
Економија

Национална платформа за вработување на Роми – Отворање на економскиот потенцијал преку инвестирање во ромската заедница

Redi1.jpg

Вчера во хотел „Александар Палас“ во Скопје, се одржа Националната платформа за вработување на Роми, настан кој ги обедини претставниците на државните институции, приватниот сектор, граѓанското општество и меѓународните партнери во насока на создавање инклузивни и одржливи решенија за вработување на Ромите.

Настанот беше организиран во рамките на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа „Интеграција на Роми – трета фаза“, во соработка со Иницијативата за Економски Развој на Ромите – РЕДИ.


Платформата започна со воведни обраќања од државната советничка за труд при Министерството за економија и труд, претставничка од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, претставници од Делегација на ЕУ во Скопје и од Советот на Европа, како и извршниот директор на РЕДИ. Во своите обраќања тие ја нагласија клучната улога на инклузивните политики и континуираната системска поддршка за маргинализираните заедници, притоа истакнувајќи ја нивната заложба за натамошно унапредување на институционалните напори за економска интеграција на Ромите.

Во текот на настанот беше презентирана Студијата за влијанието на владините мерки за вработување и самовработување со релевантност за Ромите во Северна Македонија. Студијата даде длабински увид во ефектите на политиките за вработување врз ромската заедница и претставуваше основа за натамошна дискусија меѓу учесниците.

Платформата понуди можност за отворен дијалог помеѓу носителите на одлуки и ромската заедница, преку панел-дискусии посветени на пристапот до активни мерки за вработување, поддршката на традиционалните ромски бизниси, и искористувањето на можностите кои ги нудат зелената и дигиталната транзиција.

На настанот учествуваа претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Агенцијата за вработување, УНДП, Фондот за иновации и технолошки развој, како и претприемачи и експерти од граѓанскиот сектор, кои ги споделија своите гледишта и искуства во рамки на две панел дискусии. Првата дискусија беше посветена на поттикнување на економскиот раст преку активно вклучување на Ромите во мерките за вработување, додека втората се фокусираше на поддршката на традиционалните бизниси и истовремено охрабрување на нивна интеграција во зелената и дигиталната транзиција.

Во контекст на тековната дигитална и зелената транзиција, традиционалните занимања како оџачарството, молерството и занаетчиството сè повеќе се маргинализираат како од страна на институциите, така и од младите претприемачи, кои често се насочуваат кон модерни, трендови и индустрии. Сепак, овие професии и натаму претставуваат значаен економски потенцијал, особено во рамки на локалниот развој и самоодржливиот бизнис.

Настанот заврши со резиме на клучните пораки и препораки за унапредување на политиките за вработување на Ромите, како и со зацврстување на соработката меѓу институциите, приватниот сектор и заедницата.

Можете да прочитате

Дурмиши ги предупреди трговците: Ако има енормно зголемување на цените, ќе има поригорозни мерки

Форум на добри компании, фокусот на решенијата поврзани со работната култура

Промоција на тренинг центар за едукација на занаетчии