
Делегација од Армијата, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на покана на генерал-мајор Грегори Најт, вчера (7 март) присуствуваше на свечената церемонија по повод примопредавањето на должноста командант на Националната гарда (НГ) на Вермонт, САД.
Свеченоста се одржа во 158-иот борбен ВИНГ (158th Fighter Wing) во воздухопловната база на НГ на Вермонт во Бурлингтон, каде досегашниот командант, генерал-мајор Грегори Најт, ја предаде должноста на новоназначениот командант, генерал-мајор Хенри „Хенк” Хардер. Генералот Хардер, кој на оваа должност доаѓа од позицијата заменик-командант на НГ на Вермонт, во текот на неговата кариера извршувал бројни должности, меѓу кои и заменик-командант на 158-иот борбен ВИНГ.
Генералот Лафчиски во оваа прилика ја оствари и првата средба со генералот Хардер, при што беше потврденo 34-годишното партнерство, како и потребата оваа соработка да продолжи и во иднина. На средбата се разговараше и за потенцијалот на Армискиот полигон „Криволак”, како и за досегашниот придонес на НГ на Вермонт во развојот на капацитетите на овој полигон.
Присуството на делегацијата од Армијата на вчерашната свеченост, претставува јасна потврда за долгогодишното стратешко партнерство помеѓу македонската Армија и Националната гарда на Вермонт, кое успешно се развива повеќе од три децении и претставува пример за заемна посветеност и цврсто партнерство.

