Утрински Весник
Свет

Началникот на британската армија: Светот е на работ на третата нуклеарна ера

1453894.jpeg

Началникот на британската армија, адмирал сер Тони Радакин, предупреди дека светот е на работ на „третата нуклеарна ера“. Неговата изјава доаѓа во време кога НАТО со голема загриженост ги следи руските закани со нуклеарно оружје, како и нуклеарните програми на Северна Кореја и Иран.

Говорејќи на собирот на Кралскиот институт за одбранбени студии (РУСИ), Радакин истакна дека глобалната рамнотежа на силите драматично се менува. „Почетокот на третата нуклеарна ера е пред нас“, рече тој, додавајќи дека ситуацијата сега е посложена од кога било досега.

Нуклеарни закани

Од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси три години, односите меѓу Москва и НАТО се на најниско ниво од крајот на Студената војна. За време на војната, обележана со брутални судири во источна Украина, Кремљ често прибегнуваше кон нуклеарни закани. Рускиот претседател Владимир Путин ги стави нуклеарните сили во состојба на готовност пред инвазијата во 2022 година, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров неколку месеци подоцна предупреди дека ризикот од нуклеарен конфликт е „значаен“. Путин годинава изјави дека Русија е воено подготвена за нуклеарна војна.

Видовме бројни закани со тактичко нуклеарно оружје, големи воени вежби и симулирани напади врз земјите на НАТО, сите насочени кон заплашување и одвраќање на активностите потребни за зачувување на стабилноста“, рече Радакин.

Кон крајот на октомври, Русија спроведе големи воени вежби кои вклучуваа симулација на нуклеарен контранапад. Радакин потсети дека „првата нуклеарна ера“ беше обележана со трката во вооружување за време на Студената војна, кога САД и Советскиот Сојуз акумулираа огромни залихи на нуклеарно оружје. По Студената војна, „втората нуклеарна ера“ се фокусираше на разоружувањето.

Меѓутоа, сега, тврди Радакин, се соочуваме со „трета нуклеарна ера“, која е многу посложена. „Овој пат е обележан со ширење на нуклеарни технологии, бројни истовремени закани и речиси целосно отсуство на безбедносни механизми што постоеја во минатото“, истакна адмиралот.

Можете да прочитате

Ужас: Таткото и маќеата брутално ја убиле малата Сара – На телото пронајдени 70 повреди

Паднаа Фејсбук, Инстаграм и Ватсап – Корисниците ширум светот пријавуваат проблеми

Македонски државјани со оружје се заканувале на Романци во Велс – полицијата ги уапси