Примитивни сајли во вид на стапици, во кои, доколку се вплеткате, со секое помрднување се затегнуваат и засекуваат длабоко во кожата, телото, мускулите; од кои ниту едно животно не може да се спаси и умира болно и бавно со секој свој обид да избега, се поставени насекаде во парк-шумата Водно.
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ нагласува дека се работи за ловна опрема, која е најстрого забранета со Законот за ловството, која предизвикува бавна и болна смрт на животните, но и ризик од сериозни повреди, труење на крвта на граѓаните што шетаат, пред сè, децата кои на Водно се чести посетители.
„Вчера, по интервенција на ЈП ‘Лајка’, е спасено мирно бездомно куче, на кое сајлата му беше засечена околу гркланот и за чиј живот ветеринарите на ‘Лајка’ сè уште се борат. Ова не е исклучок, туку долгогодишна пракса во шумските реони во државата на криволовци недопирливи од законот, кои пред очите на сите кршат најмалку 3 закони – кривичен, Законот за ловството и Законот за заштита на животните, кои бараме да одговараат најстрого и по сите основи!“, велат од Здружението.
Се бара итно постапување од сите надлежни: идентификација на сите стапици и нивно брзо отстранување, гонење на сторителите во согласност со Законот за ловството, одговорност во согласнст со Законот за заштита и благосостојба на животните и кривична затворска казна за мачење животни и предизвикување јавна опасност.