
Следната недела се очекува седница на Економско-социјалниот совет, на која ќе се разговара и за минималната плата. Владата останува на ставот дека ќе го прифати решението договорено од синдикатите и работодавачите, додека бизнис секторот се надева дека ќе биде прифатен нивниот предлог за олеснувања во делот на придонесите.
– Тоа е закон и е донесен со еден општ консензус на сите три страни во социјалниот дијалог и, како таков, мора да се почитува. Секоја одлука која понатаму треба да се носи, исто така, треба да биде донесена со консензус на сите три страни, изјави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
– Економијата не е секаде еднакво развиена на територија на нашата држава. Центарот на економските активности е концентриран во Скопје и Скопскиот регион, а останатите градови се уште немаат сериозен обем и немаат големи приходи и голем профит така што треба да се биде свесен за економската состојба и да можеме да најдеме заеднички договор со синдикатите, изјави Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис конфедерацијата.
– Намалување на придонесите во однос на покачувањето, за износот на зголемувањето. На пример, ако минималната плата биде 25.000 или 30.000 денари, покачувањето да биде олеснето, а останатите придонеси кои досега се исплаќале на претходниот износ на платата, да останат на исто ниво, појаснува Бошков. Сојузот на синдикати бара зголемување на минималната плата поради растот на трошоците на живот, а анкета на ССМ покажува дека најголем дел од испитаниците сметаат дека таа треба да изнесува 600 евра.
– Сè уште немаме одржано седница на Економско-социјалниот совет, но се надевам дека ќе се разговара за минималната потрошувачка кошница, за минималната плата – прашање што го отвораат синдикатите – но и за други важни теми. Има прашања поврзани со додатоците, со платите во јавниот сектор, кои со години останаа на исто ниво, и затоа не смееме да дозволиме некој да биде ставен во подредена положба или да се чувствува изоставен. Во тој правец треба да покажеме дека преку социјалниот дијалог можат да се решат сите горливи прашања во областа на трудот, изјави претседателот на ККС Благоја Ралповски.
Според Заводот за статистика, трошоците за живот се зголемени за четири проценти на годишно ниво.



