Утрински Весник
Македонија

На Монт Еверест со Златко Јаќовски и Галеника

На Монт Еверест со Златко Јаќовски и Галеника

На 19 мај 2023 година се искачив на Монт Еверест. Најладните пет минути во животов ги поминав на врвот на светот, кој за мене е дел од мојот голем проект “Seven summits” или седумте највисоки врвови на секој континент кои се предизвик за посветените алпинисти. Со успешното искачување на Монт Еверест, го освоив петтиот врв од мојата листа. Симболично одбраниот број 5 може и да е случајност, затоа што на Еверест се патува кога си во полна физичка подготвеност. Како компанија која ја нагласува  важноста на здравиот стил на живеење на современиот човек успешно да го реализирам овој потфат ми помогна и фармацевтската компанија Галеника, регионалниот фармацевтски лидер.

dobivaj vesti na viber

Здрав живот и грижа за здравјето

Подготовките за искачувања на овој тип на врвови бара целосна посветеност, дисциплина и континуитет во одржувањето на психо-физичката подготвеност што значи редовно планинарење во текот на викендите и празниците. Најчесто одам со наши планинарски клубови и со пријатели на планините во Македонија и на Балканот, а понекогаш и на Алпите. На Водно кој е извонреден за кондиција одам покрај викендите и во тек на работните денови кога дозволуваат временските услови и обврските. Исто така три пати неделно одам на вежбање во сала. Се трудам да водам подисциплиниран животен стил со здрави навики.

Посветеноста на здравиот начин на живот, на почетокот на годинава ме спои со Галеника, регионалниот фармацевтски производител, кој традиционално го познаваме преку производите кои се достапни на македонскиот пазар. Во духот на компанијата која континуирано стреми кон здравиот стил на живеење, Галеника ја поддржа мојата експедиција  и за време на искачувањето користев нивни производи.

Ниските температури ја оштетуваат кожата и иако користев Јекодерм и Пантенол сепак, е тешко да се заштити кожата која е изложена на влијанието на временските услови. Кога дишете воздухот ги замрзнува ноздрите, па Јекодерм користев и за носот. Без магнезиум е невозможно да се замисли напорен физички потфат и за таа цел користев производ од линија Олигогал. На овие експедиции редовно користам и пробиотик, кој сега беше од линијата Флонивин. Покрај физичката подготвеност, неопходно е да се посвети внимание и грижа за здравјето во текот на искажувањето, за да и телото ве однесе онаму каде сакате.

Експедицијата беше организирана од Asiantrekking од Катманду при што бев вклучен во интернационалниот тим, во кој покрај мене, беа и Marios Ginnaeu од Грција, Aviad Sido од Израел и Jason Kennison од Австралија. Целокупната експедиција траеше околу месец и половина.

За месец и половина до Монт Еверест и назад

Искачувањето го почнавме на 6 април од Лукла на 2880м.н.в. од каде за седум дена по трекинг патеката стигнавме до Базниот камп Еверест 5364м.н.в.

Следеше дополнителна аклиматизација која ја направивме во три наврати. Прво со искачување на прекрасниот врв Lobuche East 6119м.н.в., потоа еден од најопасните но и најатрактивен Khumbu глечер и како последно ротација до Камп 3 на висина од 7165м.н.в. по што се спуштивме во базниот камп каде чекавме поволни временски услови. По долготрајно чекање се одлучи дека како можен ден за искачување на Еверест би бил 19 мај и затоа на 15 мај во 3 часот наутро тргнавме кон Камп 2 преку Khumbu глечерот и Камп 1. По пристигнувањето во Камп 2 направивме еден ден пауза и потоа се упативме кон Камп 3 каде ноќевавме и следниот ден се искачивме на Камп 4 (South Col). Вo 21.20 часот на 18 мај тргнавме кон последниот дел од мршутата кон искачувањето на Еверест. За жал во текот на целото искачување имавме многу лоши временски услови со јак ветар 40-50км и од северен и јужен правец и ниска температура под -30°С кои го отежнуваа нашето движење.

Во делот на Hilary step почуствував немоќ и изнемоштеност но заедно со целиот тим во исто време се искачивме на Mount Everest во 9 часот наутро. Временските услови беа многу лоши и ни ја скратија можноста да уживаме во глетката на врвот од светот.

Направивме неколку фотографии и по 5 минути започнавме со спуштање.  Вечерта останавме во Камп 4 и следниот ден се спуштивме во Камп 2. На 21 мај се спуштив во Базниот камп каде по еден ден одмор во следните три дена се спуштив до Лукла од каде со авион слетав во Катманду.

Ризиците и предизвиците

Агендата на движење кон врвот, не ја отсликува и тежината на самото искачување и ризикот кој стои пред алпинистите. Првиот голем предизвик е Khumbu глечерот. Тоа е замрзната река и буквално целиот глечер е испрекинат со големи и длабоки пукнатини кои се премостени со скали за да може да ги преминеме, како и огромни ледени блокови кои се наредени еден преку друг, таканаречени “Popcorn”, меѓу кои се движевме при што постои континуирана опасност од нивно паѓање или евентуална лавина. Бидејќи глечерот секојдневно се движи патеката се менува, така да јас три пати во некои делници Khumbu го доживеав различно. За жал во текот на поставувањата на фиксните јажиња од страна на искусни шерпаси се случи несреќа при што тројца од нив загинаа.

Следен предизвик на патот кон врвот е Lhotce face, кој започнува од камп 2 до кампот Lhotce што претставува многу долга стрмнина (6400-7800м.н.в.). Искачувањето на оваа делница е по снег, но и по син мраз кој е исклучително опасен и ризичен за пролизгување и во текот на целото искачување сме врзани за фиксно јаже, кое е однапред поставено. Тука користиме направа жумар кој овозможува да имаме поголема сигурност и да се помагаме и со рацете во текот на искачувањето.

Најтешка делница за мене беше последниот предизвик, а тоа е Hillary step, каде нагло осетив губење на енергијата веројатно зошто тогаш веќе бевме над 8600м.н.в. и во континуитет имавме силен ветар кој носеше и снег со себе и го лепеше на моето лице и очила. Одењето ми беше забавено па дури и помислив дека нема да успеам да се искачам, иако во последните 30 минути врвот го гледав пред мене. Сепак смогнав сили и на Еверест се искачив заедно со тимот.

На врвот бев и среќен и тажен

На врвот за жал заради лошото време се задржавме околу 5 мин. Имавме можност да направиме неколку фотографии и шерпасите наредија веднаш да се спуштаме. Чувството на самиот врв беше со измешани емоции, од една страна среќен што успеав да се искачам на врвот на светот, од друга страна тажен што моравме веднаш да се симнеме немајќи можност да уживам во погледот и успехот поради лошото време.

Фиксното јаже двапати ме спаси

Знаев дека најголем процент на несреќи се случуваат при спуштање и бев посебно внимателен. И покрај тоа, на две места на Hillary step заради умор се лизнав, но фиксното јаже ме задржа. Во потегот од камп 4 до врвот имаше неколку тела кои не опоменуваат на животната опасност низ која минуваме. Пред да тргнам на Еверест разговарав со нашите искусни планинари проф. д-р. Сашко Кедев, проф. д-р Горазд Росоклија (член на македонско-југословенската експедиција со починатиот Диме Илиевски) и Здравко Дејановиќ при што ми беше укажано да го слушам организмот и што поскоро да се спуштам да не потклекнам на уморот и да седам да се одмарам.

Точно на делот од Hillary step до таканаречениот Балкон, се најголемиот број на смртни случаи  и затоа се спуштив најбрзо што можев до кампот.

Остануваат уште два врва од сонот „Seven Summits“

Мојот живот сон е проектот што сам си го осмислив и нареков „Seven Summits“. Неговата реализација почна во 2016 год со искачување на планината Западен Елбрус  во Европа, а подоцна и планините Аконкагва во Јужна Америка, Килиманџаро во Африка, Денали во Северна Америка и оваа година Монт Еверест Азија. Останува да се искачам уште на планините Винсон на Антартик и Карстен Пирамид во Океанија со Австралија за да го заокружам овој проект.

Сепак, по искуството на Хималаите и моите желби почнаа да се менуваат и мислам дека во план за поблиска иднина ми се планините АмаДаблам, Лоце и Манаслу.

Од повисоките и поатрактивни планини ги имам искачено и Монт Блан, Ленин, Гросглокнер, повеќе врвови на планинскиот масив Монте Роса како Полукс, Балмерхорн, Виченте Пирамиде, Цумштајншпиц и други алпски врвови над 3500м.

Љубител сум и на таканареченото “ферата” искачување и затоа од поатрактивните би ги издвоил искачувањата на на неколку врва на Јулиските Алпи, Доломитите и Тиролските алпи.

И Непал го прослави успехот на нашата експедиција

По моето спуштање во Катманду имав можност да учествувам во прославата на “Платиниумскиот љубилеј 70 год од првото искачување на Еверест” каде беа доделени бројни награди на истакнати планинари. Јас бев повикан на прием кај министерката за Туризам на Непал Sushila Sirpali Takuri која ми го честита искачувањето на Еверест и бев повикан на прием во општината Gokarneswar каде ми беше доделена благодарница од парламентарката Shanti Shreshta.

На крај сакам да се заблагодарам на сите што на било кој начин ми помогнаа и беа со мене во текот на оваа експедиција.

Автор: Златко Јаќовски, професор по судска медицина и член на скопскиот планинарски клуб Х2О – HealtyHikeOurdoor

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!