Утрински Весник
Македонија

На Комисија прифатен амандманот на Левица независните кандидати да соберат потписи од 0,5 отсто од запишаните избирачи во ИЕ, за решението треба да се гласа и на пленарна седница

20250816135243 big 730x400 10.webp.webp

Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница ги проследни на натамошно постапка во Собранието измените и дополнувањата на Изборниот законик, откако претходно го усвои амандманот од Левица – кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, да биде потребно да се соберат најмалку 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ), а предложеното решение предвидуваше собирање потписи 0,95 проценти од запишаните избирачи.

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, како и на пленарната седница и на седницата на Комисијата истакна дека со ова решение се прават напори да биде пополнета правната празнина по одлуката на Уставниот суд за укинување на членови од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи, за да се воведат одредени јасни правила за собирање потписи за кандидатури за градоначлници и советици од страна група избирачи за да бидат фер и еднакви условите во секоја општина поддеднакво.


Тој истакна дека за нив е прифатлив амандманот поднесен од Левица и оти и со негово прифаќање не се менува целта на предложеното решение, а тоа е да се утврдат јасни, фер и демократски услови за претстојните избори. Овој амандман го поддржаа и членовите на Комисијата од СДСМ и коалицијата.

За ова законско решение позитивно се изјасни и Законодавно-правната комисија и го усвои поднесениот амандман, по што ќе биде изготвен дополнет Предлог на Законот.

Откако двете комисии го проследија на натамошно читање во Собранието и откако ќе биде изготвен дополнет предлог на измените и дополнувањата на Изборниот законик, тие повторно ќе се најдат на пленарна седница каде треба да бидат усвоени.

Претходно измените и дополнувањата на Изборниот законик добија подршка на собраниска седница да бидат усвоени во скратена постапка. Откако го утврдија дневниот ред на собраниската седница, на кој единствена точка е ова законско решение, претседателот на Собранието Африм Гаши ги задолжи матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија да одржат седници на кои ќе ги разгледаат измените и дополнувањата. За нив ќе се гласа на пленарната седница чие продолжение ќе биде дополнително закажано во текот на денот.

Предлагачи на измените и дополнувањата се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Саранда Имери Сафаи од коалицијата ВРЕДИ. За да се донесе законот по скратена постапка гласаа 65 пратеници, а 17 беа против, воздржани пратеници немаше. Пратениците од СДСМ присутни во салата дадоа поддршка законските измени да се донесат во скратена постапка, додека пратениците од Европскиот фронт и другите опозициски партии од албанскиот блок беа против.

Со измените се предвидува и кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи од изборните единици за гласање во странство, да се соберат најмалку 1 000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за тие изборни единици пред службените лица на ДКП, односно конзуларните канцеларии на образец пропишан од Државната изборна комисија.

Можете да прочитате

AA: Во Собрание се потврди, оваа Влада нема легитимитет и е моноетничка

Не поминаа предлог измените на Изборниот законик

Собранието одлучи измените и доплнувањата на Изборниот законик да се носат во скратена постапка