Утрински Весник
Македонија

Најдовски: Разрешувањето на директорката во Демир Хисар е законско

Image 2025 08 14 214716005.png

Разрешувањето на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар е законска обврска и е спроведено по решение добиено од Државниот просветен инспекторат, изјави градоначалникот Никола Најдовски во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Во решението, како што појаснува Најдовски, стои дека веднаш и без одлагање требало да биде сменета директорката Маја Лозановска поради констатирани нерегуларности во наставниот процес во учебната 2023/2024 година.


„Ова решение кое јас го добив од просветен инспектор е за големи нерегуларности во однос на извршување на наставниот процес во самото училиште. Се утврди дека не се остварени 158 наставни часа од годишниот фонд за редовна настава, што значи дека по неколку предмети учениците воопшто не следеле настава,“ изјави градоначалникот.

Тој додаде дека не бил информиран оти Лозановска била на боледување, а за претресот во училиштето и во нејзиниот дом не сакаше да коментира, бидејќи се работело за друг случај поврзан со финансиски нерегуларности.

Најдовски потсети дека и претходно се обидел да ја смени Лозановска, но тогаш Министерството за образование, со кое раководеше Јетон Шаќири, му ги одземало ингеренциите.

Лозановска беше разрешена на 6 август, а за в.д. директор е назначена Јасмина Дамчевска. Два дена подоцна, на 8 август, полицијата изврши претрес во училиштето и во домот на Лозановска. Случајот го привлече вниманието на јавноста поради видео објавено на социјалните мрежи, на кое се гледа како началникот на полицијата инсистира таа на носилки да биде спроведена на информативен разговор.

Против началникот е поведена дисциплинска постапка, а од МВР најавија негово разрешување.

Можете да прочитате

Исчезна 39-годишен струмичанец, семејството бара помош од граѓаните

Пожарот во ловиштето „Јасен“ сè уште активен, одбраната на објектите на претпријатието продолжува и во текот на ноќта

Велковски: Нема место за страв, пари за пензии има и ќе има и во иднина