Голем дел од институциите во државата работат со слаб капацитет и понекогаш не ги сфаќаат сериозно предупредувањата на Центарот за управување со кризи, вели Стојанче Ангелов, директорот на оваа институција во интервју за „Макфакс.
„Дали треба да чекаме некој да загине, или да изгубиме значаен имот, како што е мостот „Беласица“ каде што штетата ќе биде милионска, или е подобро навреме да реагираме“, прашува Ангелов.
Директорот на ЦУК предупредува дека мостот кај Визбегово е можеби и најкритичната точка во Скопје, за кој, како што вели, ќе биде прв мост што ќе падне.
„Од мостот Визбегово излегуваат коцки кои се тешки по неколку килограми и тие паѓаат долу на патот под подвозникот на исклучително фреквентна улица. И замислете таква коцка да падне некому на ветробранското стакло. За жал, овој мост се уште е отворен и прогнозирам дека ќе биде прв мост кој што ќе падне“, појаснува Ангелов.
Штетите за опожарениот мост „Беласица“, според Ангелов, ќе бидат милионски. Апелира, да биде забранет за сите, освен за оние што работат.
„Разговарав со Гаревски и го замолив во моменот кога ќе утврдат дека мостот е безбеден за граѓаните да се отвори барем за движење за пешаците. За возила најверојатно ќе мора да се почека неколку месеци а можеби и повеќе“, истакнува Ангелов.
Првиот човек на ЦУК забележува и за големиот број на вработени во државната администрација, за кои, како што вели, ниту се мотивирани, ниту се доволно образовани, ниту сакаат да работат.
„Во ЦУК има голем број на луѓе кои земаат плата а воопшто не работат. Погледнете ги директорите пред мене. Сите биле извонредни луѓе, но колку имале искуство од областа на безбедноста или кризниот менаџмент. За жал така е во многу други институции. Тие се политички именувани. Пред некое време се вртеше едно видео со временска прогноза. Да не зборувам, да не ми се налути директорот. Но во врска со ова треба да се води малку ред“, прецизира Ангелов.
Кочницата за обештетување на бранителите од 2001 година, според Ангелов, е во ДУИ.
За лидерот на оваа партија, Ангелов ќе каже дека Ахмети не е само претседател туку и командант на ДУИ.
Каква политичка иднина им предвидува на „огнетите“ и на Изет Меџити, дали останува во владината коалиција, за односите на Достоинство со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и слично, во интервју за „Макфакс“ со Стојанче Ангелов, директор на ЦУК и лидер на Достоинство.