
Министерството за внатрешни работи денеска започна со расчистување на делот од улица Македонија – од булевар Свети Кирил и Методиј до улица Даме Груев – каде веќе подолго време владееше хаос поради непрописно паркирани возила за која известуваше 24инфо неколку дена по ред.
На оваа локација, и покрај јасно поставениот сообраќаен знак за забрането запирање и паркирање, граѓаните секојдневно беа сведоци на автомобили паркирани на двете страни од улицата – меѓу кои и службени возила на државни институции.
Граѓаните со години укажуваат дека оваа улица се користи како импровизирана паркинг-зона, иако претставува активен сообраќаен коридор. Дополнителен револт предизвикува фактот дека таму често беа забележани владините возила од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), препознатливите „шкоди“, кои не само што го прекршуваа законот, туку и испраќаа порака дека државниот апарат е над сообраќајните правила.

Последниот ваков случај бил забележан пред два дена, кога службено возило – наводно од Министерството за енергетика – било паркирано директно на тротоарот, наменет за пешаците. Граѓаните велат дека ова не е прв, а најверојатно нема да биде ниту последен случај.
Безобразието, според нив, кулминирало вчера, кога сообраќајниот знак за забрането паркирање и запирање бил урнат – очигледно за да се ослободи простор за службените автомобили на институциите. Таквиот однос сериозно ја загрозува безбедноста во сообраќајот, предизвикува гнев кај граѓаните и остава впечаток дека за некои законите не важат.
24Инфо веќе испрати прашања до Службата за општи и заеднички работи со барање за коментар дали возачите на нивните службени возила ќе бидат санкционирани за прекршувањето на сообраќајните правила. Засега одговор нема.
Граѓаните со надеж го поздравуваат ангажманот на МВР и очекуваат ваквите акции да не бидат само еднократни, туку да станат дел од редовното одржување на јавниот ред и мир на улиците на главниот град.