Брзо и ефикасно е решен случајот со нападот на претседателот на бугарското здружение во Струга, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој додаде дека напаѓачот е приведен, а земени се и изјави од сведоците на настанот.
„Изјавата од оштетениот се одвиваше во медицинскиот центар. Овој случај е расчистен. Има спротиставени мислења во делот на материјалите што се обезбедени. Јас оставам сите материјали да бидат проценети и од колегите и од Обвинителството. Крајните насоки ги дава Обвинителството и ќе биде поднесена соодветна пријава. Меѓутоа, важно е дека бргу и ефикасно се дејствуваше и ние го имаме сторителот“, рече Спасовски.
Нападнатото лице Бекир Кадриески изјавил за бугарските медиуми дека го нападнало непознато лице и дека го навредил оти е „валкан Бугарин“.
Тој денеска е пуштен на домашно лекување. Од болницата во Струга, каде што бил примен, велат дека на Кадриески му биле направени детаљни испитувања, кои покажале дека пациентот нема сериозни повреди, бил видно вознемирен за што му бил даден само седатив и бил пуштен дома.