
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на отворањето на дводневната работилница на тема „Клучни аспекти во развојот на нов механизам за скрининг на странски директни инвестиции во Северна Македонија“, што се одржува во Скопје на 23 и 24 јули.
Настанот е организиран со поддршка на Министерството за трговија на САД – преку Програмата за развој на трговското право (CLDP), во координација со Стејт департментот, Министерството за финансии на САД и Амбасадата на САД во Скопје, а учествуваат и експерти од Чешка и Романија.
Министерот истакна дека оваа иницијатива не е само правна, туку и стратешка реформа со која ќе се воспостави ефикасен систем што ги заштитува националните интереси и истовремено го зацврстува инвестицискиот потенцијал на земјата.
Работата на механизамот е директно поврзана со процесот на пристапување кон ЕУ, особено во рамките на обврските од Кластерот 6 – Надворешни односи.
„Оваа работилница се случува во вистински момент. Во моментов сме во процес на изготвување на национален механизам за скрининг на странски директни инвестиции, клучен политички и правен потфат за нашата земја. По неодамнешната одлука на Владата за обновување на мандатот, горд сум што го предводам овој процес во својство на министер за европски прашања. Повторно ја активиравме меѓуинституционалната работна група, а неколку од нејзините членови се присутни денес. Во рамките на таа група, помал тим за изготвување веќе започна со активно работење на првичната верзија на законот. Но, ова не е само правен, туку и стратешки процес. Нашата цел е да воспоставиме механизам кој истовремено ќе ги штити националните интереси, ќе биде усогласен со правилата и очекувањата на ЕУ, а притоа ќе осигури дека Северна Македонија останува отворена за стабилни и продуктивни странски инвестиции“, рече Муртезани.
Тој, исто така, кажа дека земјата е подготвена да ја продлабочи соработката со Стејт департментот на САД и да го зајакне партнерството со Амбасадата на САД во Скопје.
„Без разлика дали станува збор за техничка поддршка, размена на политики или институционален дијалог – отворени сме и посветени на значајна и конструктивна соработка“, рече Муртезани.