Речиси 25 години Живко Мукаетов ја гради својата кариера во „Алкалоид“, работејќи на повеќе позиции, а на чело на компанијата е речиси 20 години. За компанијата тој истакна: Историски гледано, компанијата растела и се развивала низ многу специфични времиња и системи во текот на своето 9-децениско постоење, но секојпат покажувала резилиентност и брза адаптација кон промените. Во ексклузивното интервју за InStore тој додава дека постојано се работи на достоинствена и посветена глобализација на „Алкалоид“, а во регионот е веќе креирана фузија за деловен развој кој секогаш е поттикнат со инвестиции, кои во последните пет години достигнаа 104,1 милиони евра.
За работењето на „Алкалоид“, но и за ставовите поврзани со економската состојба на земјава и регионот, за регионалните иницијативи и за многу други теми, прочитајте во интервјуто со генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Колку знаењето што денес го добиваат студентите е реално применливо во работењето? Се соочувате ли и Вие со проблемот дефицит на кадар и како го решавате?
По дипломирањето на Машинскиот факултет, пролетта 1997 година, ми се укажа можност да ја продолжам едукацијата во Лондон. Таму поминав две години на постдипломски студии по маркетинг-менаџмент, кои беа многу корисни од аспект на додавање доза на креативност во инженерската логика. Тогаш студирањето надвор не беше актуелен тренд како сега и тогашниот едукативен систем навистина произведуваше квалитетни кадри. За жал, истото не би можел да го кажам од денешна перспектива зашто кај студентите на државните универзитети сѐ повеќе е евидентна недоволната обученост и мотивираност. На пазарот на труд секогаш ги избираме најдобрите кандидати, а одговорноста е огромна кога станува збор регрутирање кадри од стручните сфери, каде што дефицитот веќе стана евидентен. За да направиме одржлива промена во нашиот делокруг, воведовме разни програми за (до)едукација, дуално образование и практикантство кои веќе четврта година успешно се спроведуваат во соработка со државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, а основавме и сопствен едукативен центар. Во служба на квалитетна едукација и продуцирање идни компетентни кадри од сферата на здравството и фармацијата е нашата Фондација „Трајче Мукаетов“, која од основањето во мај 2007 до денес има стипендирано 619 студенти по фармација и медицина на државниот универзитет. По основ на стипендии и еднократни парични награди досега имаме инвестирано околу 2 милиона евра. Постојано инвестираме во стручна доедукација на нашите кадри, првенствено од сферата на фармацијата и фармацевтската технологија, каде што едeн од нашите главни референтни партнери е Фармацевтскиот факултет во Белград.
Во изминатиот период реализиравте многубројни инвестиции, а меѓу нив беше и инвестицијата за производство на влажните марамчиња Becutan. Kолку инвестициите се поврзани со иновации и со развој на брендовите? Кои инвестиции/иновации може да се очекуваат до крајот на годинава?
Во изминативе три децении инвестициските активности на „Алкалоид“ се насочени кон градење и проширување на производствените капацитети, капацитетите за истражување и развој, инсталирање модерна опрема, лаборатории, технологии, модерен софтвер и добро обучен кадар. Само во изминативе 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите во регионот, интегрирајќи ги нашите операции за целите на подобро водење на дејноста од нашата база во Македонија. „Алкалоид“ има широка палета на брендови кои постојат години наназад, но навиките и ставовите на потрошувачите се прилично динамични и менливи, па со инвестициите, иновациите и следењето на трендовите не смее да се запре. Во сегментот фармација, лидер по бројот на екстензии е нашиот бренд Proculin воведен во 1967 година, кој прерасна во комплетна линија за нега на очите не само во Македонија, туку и во регионот. Во сегментот козметика неизбежно би го издвоил Becutan, кој речиси 5 децении ужива висок индекс на препознатливост во регионот, присутен на пазарите во близу 30 земји во светот. Неодамнешната инвестиција во погонот за производство на влажните марамчиња, вредна околу 4 милиони евра, вклучува комплетно автоматизирана и роботизирана опрема, дизајнирана и конструирана според најновите нормативи за добра производствена практика и европската регулатива за козметика. Особено ни е драго што по 15 години производство надвор од Македонија, денес комплетниот процес го спроведуваме во погоните на нашиот локалитет во Ѓорче Петров. Во овој погон се произведуваат влажни марамчиња и за други приватни трговски марки на етаблирани синџири маркети.
До крајот на годинава очекуваме да го завршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми. На курсот на континуирано инвестирање сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот „Алкалоид“, достоинствено и посветено.
ПР