Утрински Весник
Македонија

Муцунски: Вистинската сила на дипломатијата не се мери само со постигнатите договори, туку и со спасените човечки животи

Image 2026 03 14 125535623.png

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на отворањето на меѓународната конференција во Скопје посветена на клиничките аспекти по трагичниот пожар во Кочани, нагласувајќи дека настанот претставува важна можност за размена на знаења и искуства, но и симбол на солидарноста и поддршката што меѓународната заедница ја покажа кон нашата држава во еден од најтешките моменти.

Во своето обраќање, Муцунски потсети дека трагедијата во Кочани длабоко ја потресе државата и за само неколку минути едно обично утро се претворило во длабока национална болка. Во тие моменти, кога секоја минута била од исклучително значење, брзата реакција на институциите и поддршката од пријателските земји помогнале да се спасат многу човечки животи.


Министерот посочи дека 115 пациенти биле згрижени и лекувани во странство, благодарение на брзата комуникација со партнерските држави, активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита и подготвеноста на бројни земји да обезбедат медицинска помош.

„Во тие тешки денови се покажа вистинската сила на дипломатијата и меѓународната солидарност. Токму во вакви моменти станува јасно дека вистинската вредност на дипломатијата не се мери само со постигнатите договори, туку и со спасените човечки животи”, истакна Муцунски.

Тој изрази искрена благодарност до владите, амбасадите, институциите и народите на пријателските земји кои без двоумење ја подадоа раката за помош, нагласувајќи дека токму во вакви моменти најјасно се согледува значењето на меѓународното пријателство и партнерство.

Муцунски упати посебна благодарност и до докторите и медицинските тимови – како во Македонија, така и во странство – кои со својата посветеност, професионалност и пожртвуваност придонеле за спасување на човечки животи.

Во своето обраќање тој нагласи дека трагедијата во Кочани ќе остане трајно врежана во колективната меморија, но дека државата ќе памети и нешто друго – искрената поддршка и солидарност што ја покажале пријателските земји во најтешките моменти.

Можете да прочитате

Пријави за семејно насилство во повеќе градови, приведени шест лица

Вчера уапсени 21 возач, од нив 11 возеле без возачка

Трендафилов: Без работници нема држава, а нема ниту власт