Утрински Весник
Македонија

Муцунски: Усвоени измените на Законот за надворешни работи 

Mnrint.webp.webp

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку социјалните мрежи информираше дека вчера Собранието, на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ги усвои измените на Законот за надворешни работи, што претставува суштински чекор за професионализација на дипломатијата и подобрување на условите за македонските дипломати во странство.

Министерот Муцунски информираше дека по повеќе од една деценија се прават суштински измени, со кои се воспоставува јасна законска рамка за реализација на два клучни приоритета: професионализација на дипломатската служба и воспоставување на надлежностите на Министерството во областа на надворешната трговија и инвестициите.


„Измените предвидуваат зголемување на процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати, продолжување на мандатот на упатените дипломати на четири години (наместо досегашните три), како и уредување на процедурата за именување амбасадори и улогата на Собранието во таа постапка. Дополнително, воведена е можност за назначување специјален државен претставник во странство, доколку постои посебен интерес за државата”, напиша тој во објавата на Фејсбук.

Со измените се овозможува Министерството системски да ги преземе обврските поврзани со креирање политики за надворешна трговија и инвестиции – сегмент кој досега не беше институционално прецизиран со ниту еден друг закон.

„Ова претставува важен чекор кон професионализација на дипломатијата, подобрување на условите за работа на македонските дипломати во странство, како и соодветно позиционирање на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во делот на надворешната трговија и инвестициите”, заклучи министерот Муцунски во објавата.

Можете да прочитате

Од утре времен режим на ул.„Беличица“, почнуваат работите за реконструкција

Заврши доказната постапка во случајот за убиството на Вања и Панче – на 2 јуни завршни зборови

Палевски достави извештаи за мобилен и банкарска картичка: „Времето на снимките е поместено“