
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, истакна дека посветеноста за зголемување на финансиските средства за одбрана до 5% од бруто домашниот производ (БДП) не се однесува само на класични воени набавки, туку претставува општа инвестиција во сигурноста, инфраструктурата и економскиот напредок на државата.

„Одиме кон пет проценти, за да немаме потреба некогаш да одиме кон 30-40 проценти, како што трошат некои држави кои имаат конфликти на својата територија”, изјави Муцунски, додавајќи дека средствата ќе ги опфатат не само воената модернизација, туку и вложувањата во инфраструктурата, сајбер безбедноста, па дури и иновации и стартап компании.
На прес-конференција на која беше презентиран резултатот од работата во текот на првата година од мандатот на новата Влада, министерот потенцираше дека оваа цел е во согласност со стандардите на НАТО и дека сите земји членки на Алијансата ја поддржуваат стратегијата.
“Не само ние, туку сите земји членки на НАТО. Тоа беше одлука донесена со консензус во рамките на Алијансата”.
Сите набавки и мерки кои Министерството за одбрана ги спроведува за модернизација на нашата војска ќе бидат пресметани во тие 5 проценти, рече првиот човек на дипломатијата. Тој дообјасни дека трошоците ќе бидат надополнети со аспекти кои досега не беа вклучени во дефиницијата на минималниот праг од 2%.
Како пример за тоа, ги посочи вложувањата во НАТО-коридорите, инфраструктурата со стратешко и трговско значење, како и капацитетите за сајбер-заштита.
“Во рамите на овие пет проценти ќе има многу алатки кои ќе ни носат сигурност, но можат да бидат и мерки за стимулирање на домашната економија и за развивање на нови компании, за засилена индустриска база во делот на производство на наменска опрема”.
“Тоа ќе отвори одлични работни места и ќе ја задоволи потребата од диверзификација на производствените капацитет”, додаде Муцунски. Според него, ова се историски, генерациски одлуки, кои ќе останат релевантни и за идните влади и ќе обезбедат долгорочна стабилност под НАТО-заштита.