Утрински Весник
Македонија

Муцунски од  Загреб: Хрватска е наш пријател, НАТО сојузник и силен поддржувач за нашето ЕУ-интегрирање

H6 1.jpg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес, на покана на министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, престојува во работна посета на Република Хрватска. Во рамки на посетата, тој оствари одвоена средба со својот домаќин и учествуваше на посебната сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство, каде што се обрати на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус: Европа – локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште”.

На средбата со хрватскиот министер за надворешни работи, двајцата министри ги поздравија одличните билатерални односи со интензивен политички дијалог, конструктивна соработка во сите области од заеднички интерес, НАТО-сојузништво и пријателство кое се негува во изминатите 32 години. Притоа заеднички констатираа дека претстојното усвојување на Заедничката изјава меѓу премиерите Мицкоски и Пленковиќ е токму во тој правец – да се потврди европската иднина на земјата и заемната волја за натамошно интензивирање на билатералната соработка.

Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка на Хрватска во процесот на нашето ЕУ-интегрирање, што има значење за развојот на регионот и за стабилноста на Европа. Во оваа насока, министерот Радман ја потврди хрватската позиција за поддршка на ЕУ-проширувањето и реформскиот процес на нашата земја, со цел побрзо интегрирање во Унијата. Муцунски и Радман разменија мислења и ставови околу актуелните регионални и глобални предизвици, со цел поголема координација и засилена соработка на тој план.

Посебен фокус во разговорите беше ставен на економската соработка, при што беа разгледани можностите за нејзино интензивирање. Муцунски ја искористи оваа прилика да информира за новата надлежност на Министерството кое го предводи, и во таа смисла ja нагласи потреба од зајакнување на економските и надворешно-трговските потенцијали за соработка.

Во рамки на посетата на Загреб, министерот Тимчо Муцунски се обрати и на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство, зборувајќи на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус: Европа – локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште”.

Во своето обраќање, Муцунски нагласи дека пријателството меѓу Северна Македонија и Хрватска е одличен пример за тоа што може да се постигне кога народите работат заедно со дух на соработка и меѓусебно почитување.

„Нашата заедничка историја и аспирации поставија цврста основа за партнерство кое не само што им користи на нашите две земји, туку придонесува и за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Нашите билатерални односи се доказ за моќта на дипломатијата, покажувајќи како дијалогот и соработката можат да ги трансформираат предизвиците во можности. Во овие брзо променливи и сè понестабилни времиња, потребни се висока будност, стратешко размислување и проактивен ангажман во партнерство со што е можно повеќе земји-истомисленици. Тие бараат целосно искористување на нашиот надворешно-политички потенцијал, почнувајќи од традиционалната дипломатија до трговијата, хуманитарната помош и инвестициите”, истакна Муцунски.

Можете да прочитате

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег