
На покана на министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски утрово учествуваше и се обрати на работниот појадок со министрите за надворешни работи од Западен Балкан и специјалните пратеници за проширување на Европската Унија.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна клучната улога на регионалната стабилност и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, оценувајќи дека сегашните глобални кризи уште повеќе ја зголемуваат потребата од европска кохезија.
„Во свет на војни, безбедносни закани и економски шокови, Европската Унија и Западен Балкан имаат потреба еден од друг повеќе од кога било досега. Нашата стабилност е европска стабилност. Нашиот напредок е европски напредок”, нагласи министерот во обраќањето.
Тој посочи дека Северна Македонија останува посветена на европскиот пат и активно работи на реформите и имплементацијата на Планот за раст на ЕУ, истовремено нагласувајќи дека процесот на проширување мора да биде заснован на заслуги и јасни критериуми.
„Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални спорови или прашања на идентитет. Ако тоа се дозволи, се ризикува не само застој на една земја, туку и губење на кредибилитетот на целиот процес”, потенцираше министерот Муцунски.
Притоа, тој го нагласи значењето на регионалната соработка и ја поздрави улогата на специјалните пратеници на ЕУ, оценувајќи дека нивниот ангажман е клучен за одржување на вниманието кон регионот и поттикнување на практични решенија.
„Веруваме во дијалог, веруваме во компромис кога тој е фер и взаемен – и пред сè, веруваме во визијата за обединета, стабилна и просперитетна Европа со Западен Балкан во нејзиното јадро”, заклучи Муцунски.